Пребарување
Wine & Spirit 19.07.2026

Плута, навоен или стаклен затворач: Кој е најдобриот избор за виното?

Aleksandar Nakov

Дали најдоброто вино мора да има плутен затворач? Или, пак, навојните и стаклените затворачи одамна ја презедоа предноста? Одговорот не е едноставен. Денес, затворачот не е само завршен елемент на шишето, туку важен дел од винарската филозофија, кој директно влијае врз зреењето, трајноста и карактерот на виното.

Во современото винарство, изборот на затворач е стратешка одлука. Различните технологии им овозможуваат на винарите прецизно да го контролираат контактот на виното со кислородот, а со тоа и начинот на кој тоа ќе се развива со текот на времето.

Според процените, во светот секоја година се произведуваат околу 18 милијарди шишиња вино. Од нив, приближно 12 милијарди се затворени со плута, околу 4 милијарди со навоен затворач (screw cap), а преостанатите 2 милијарди користат други видови затворачи, како стаклени или крунски.

Плутата – безвременски симбол на врвното вино

Плутата и понатаму е најпрепознатливиот затворач за вина што се наменети за подолго зреење. Нејзината природна еластичност и порозна структура овозможуваат контролирана микрооксигенација – минимален доток на кислород што му помага на виното постепено да созрева и да развива посложени ароми.

Постојат неколку видови плутени затворачи:

  • природна плута изработена од едно парче кора од плутен даб;
  • агломерирана плута, произведена од прочистени гранули;
  • комбинирани затворачи со слоеви природна плута;
  • комбинација од природна и агломерирана плута.

Плутата е природен и обновлив материјал, а во земји како Франција, Италија и Шпанија и понатаму претставува стандард за премиум вина. Истото важи и за голем дел од американскиот и кинескиот пазар, особено кога станува збор за вина од највисоката категорија.

Предности на плутениот затворач

  • идеален за долгорочно зреење;
  • природен и еколошки материјал;
  • богата традиција и висока перцепција на квалитет.

Недостатоци

  • ризик од појава на TCA („мирис на плута“);
  • повисока цена;
  • нерамномерен квалитет;
  • ограничено производство.

Навојниот затворач ја промени винската индустрија

Австралија и Нов Зеланд одамна покажаа дека квалитетното вино не мора задолжително да биде затворено со плута. Денес повеќе од 70 проценти од вината на овие пазари користат навоен затворач.

Промената започна во 2000 година, кога производителите во австралиската винска област Клер Вали почнаа масовно да ги заменуваат плутените затворачи поради честите проблеми со нивниот квалитет. Првите тестирања биле направени со ризлинг – сорта исклучително чувствителна на аромите – а резултатите биле толку успешни што технологијата брзо се проширила.

Во тоа време бројни винари претрпеле огромни загуби поради неисправни плути. Еден од најпознатите примери е италијанскиот винар Елио Алтаре, кој во 1997 година изгубил дури 80 проценти од своето производство на Бароло.

Навојниот затворач е алуминиумска капсула со специјална внатрешна облога што овозможува контролирано затворање и ги зачувува свежината и овошните ароми на виното.

Предности на навојниот затворач

  • лесно отворање;
  • нема ризик од TCA;
  • пониска цена;
  • одличен избор за свежи и ароматични вина.

Недостатоци

  • не е биоразградлив;
  • кај дел од потрошувачите сè уште се поврзува со поевтини вина;
  • не е најдобар избор за вина што треба долго да стареат.

Важно е да се нагласи дека типот на затворач нема никаква врска со квалитетот на виното. Денес многу врвни светски вина се полнат и со навојни затворачи.

Крунскиот затворач – избор за природните пенливи вина

Крунскиот затворач (crown cork), патентиран во САД уште во 1892 година, најчесто се користи во производството на пенливи вина.

Последниве години повторно стана популарен благодарение на растечката популарност на pet-nat вината (pétillant naturel) – природно пенливи вина што ферментираат директно во шишето.

Овие вина содржат природен талог и обично се отвораат внимателно за да не се изгуби притисокот и да не се разлее содржината.

Стаклениот затворач – елегантна алтернатива

Стаклените затворачи претставуваат компромис меѓу традиционалната плута и навојниот затворач. Особено се популарни кај германските и австриските винарии, каде што најчесто се користат за свежи вина што се консумираат додека се млади.

Херметичкото затворање го обезбедува специјален пластичен прстен што не доаѓа во контакт со виното.

Предности на стаклениот затворач

  • елегантен изглед;
  • лесно отворање без отворач;
  • нема ризик од TCA;
  • одлична заштита од оксидација;
  • рециклирачки материјал.

Недостатоци

  • по отворањето повеќе не може целосно херметички да се затвори;
  • не е погоден за вина што треба долго да созреваат.

Не постои совршен затворач

Идеален затворач не постои. Постои само затворач што најдобро одговара на стилот и намената на виното.

Плутата останува незаменлива за вина што созреваат со години, додека навојните, стаклените и крунските затворачи се одличен избор за свежи, ароматични и природни вина.

Во современото винарство, затворачот одамна престана да биде само технички елемент. Тој стана дел од идентитетот на виното – подеднакво важен како сортата, тероарот и филозофијата на винарот.

Текст: Светислав Стојановиќ