Пребарување
Тренд 12.08.2025

Старата скопска чаршија – срцето што чука во ритамот на градот

Aleksandar Nakov

Скопската чаршија не е само туристичка дестинација – таа е живот, историја и душата на градот, како што истакнува модната инфлуенсерка и маркетинг-менаџерка во Fashion Group, Даниела Ѓуровска.

„Секој чекор во чаршијата дише историја. Калдрмата, старите дуќани, мирисот на свежо кафе и звукот на занаетчиите раскажуваат приказни стари стотици години“, вели Даниела.

„Чудно ми е кога слушам дека некој не бил овде со години, бидејќи за мене, чаршијата секогаш била на „агендата“, дури и пред да почнам да живеам во Скопје.“

Мир во срцето на градот

Даниела го започнува својот ден со чаша кафе и поглед кон Кале, момент на мир пред секојдневниот хаос на метежот и брзината на градот.

„Првата прошетка со мојот син, Давуд, беше токму овде“, додава таа, „и тоа ми е еден од најубавите спомени.“

За туристите, чаршијата е магнет за восхит, но за оние што тука живеат, вистинската убавина е во секојдневното доживување на местото – во деталите што раскажуваат приказни, во соседите и занаетчиите што ја одржуваат традицијата жива.

Чаршијата – чувар на сеќавања и инспирација за иднината

„Скопската чаршија крие најубави скопски приказни, а ние имаме задача да создадеме нови, да ја чуваме и цениме, бидејќи друга ваква немаме“, вели Даниела.

За неа, ова место е повеќе од пазар – тоа е инспирација, спој на минатото и сегашноста, и срцето на градот што продолжува да чука во ритамот на секојдневниот живот.

Старата скопска чаршија е доказ дека историјата и современиот живот можат да коегзистираат во хармонија, оставајќи простор за нови спомени, емоции и приказни што ќе се пренесуваат од генерација на генерација.

Подготвила: Марија Лукаревска
ФОТО: Приватна архива / Даниела Ѓуровска