Пребарување
Хотел 12.03.2026

Апартхотели: Хибридни опции за сместување што тивко го менуваат начинот на кој патуваме

Marija Lukarevska

Делумно стан, делумно хотел, овој концепт одразува една поширока промена во начинот на кој луѓето патуваат, работат, па дури и го дефинираат поимот „дом“.

Со децении, хотелската соба беше стандардното месо за престој за време на патувањата: кревет, минибар, можеби работна маса, и потсвесна мисла дека сте само на поминување, а не дека живеете таму. Но во последниве години, низ градовите ширум светот постепено се шири нов формат на сместување — апартхотелите.

Делумно стан, делумно хотел, овој концепт одразува една поширока промена во начинот на кој луѓето патуваат, работат, па дури и го дефинираат поимот „дом“. Со порастот на работата надвор од канцеларија, подолгите и пофлексибилни патувања, како и желбата на туристите за поавтентични искуства наместо униформност, апартхотелите се наметнуваат како еден од најбрзорастечките сегменти во угостителската индустрија.

Но дали тие се иднината на патувањето — или само уште една нишка на веќе фрагментираниот пазар на сместување?

Што точно е апартхотел?

Апартхотел (скратено од „apartment hotel“) ги комбинира просторот и функционалноста на приватен стан со услугите на хотел. Гостите обично престојуваат во целосно опремени единици кои вклучуваат кујна, дневна соба, а понекогаш и одделни спални, додека истовремено имаат пристап до хотелски услуги како рецепција, одржување и чистење.

Со други зборови, тоа е хибрид создаден за патници кои сакаат независност, но без да се откажат од удобноста.

Овој модел се покажува особено привлечен за семејства, бизнисмени и за сè поголемата заедница на дигитални номади на кои им треба повеќе од само место за спиење.

Зошто апартхотелите доживуваат бум?

Неколку глобални трендови го поттикнуваат растот на овој тип сместување.

Прво, се менува самата природа на патувањето. Сè повеќе луѓе ги комбинираат работата и одморот — таканаречениот „bleisure“ тренд — престојувајќи подолго на одредени дестинации додека работат надвор од канцеларија. Апартхотелите нудат одвоени простори за спиење, готвење и работа, нешто што класичните хотелски соби ретко го овозможуваат.

Второ, патниците сè повеќе сакаат да ја доживеат дестинацијата како локалци. Кујната и поголемиот простор им овозможуваат да купуваат на локални пазари, сами да готват и да престојуваат во населби кои не се типични туристички зони.

Трето, тука е и економскиот фактор. За подолги престои, апартхотелите често се поисплатливи од класичните хотели, бидејќи гостите можат сами да подготвуваат храна и да избегнат секојдневни трошоци во ресторани.

Предности

Апартхотелите се успешни затоа што комбинираат елементи од два света.

Повеќе простор и флексибилност

За разлика од стандардните хотелски соби, апартхотелите често нудат дневна соба, кујна и простор за работа, што ги прави идеални за подолги престои.

Чувство на дом

Гостите можат да ги задржат своите секојдневни навики — готвење, работа, релаксација — што е особено важно за семејства и патници кои планираат подолго да престојуваат.

Хотелски услуги без хотелската ригидност

Чистење, рецепција и одржување се достапни, но гостите не зависат целосно од хотелската инфраструктура.

Подобро приспособени на современите навики на патување

Од дигитални номади до луѓе кои работат на привремени проекти, сè повеќе патници имаат потреба од простор за живеење, а не само за спиење.

Недостатоци

И покрај предностите, апартхотелите не се универзално решение.

Помалку традиционално гостопримство

Класичните хотели често нудат ресторани, барови, спа-центри и портир-услуги кои апартхотелите не секогаш ги имаат.

Помалку социјална атмосфера

Хотелите често функционираат како социјални простори — со лобија, барови и заеднички простории — додека апартхотелите понекогаш делуваат поизолирано и порезиденцијално.

Непостојано ниво на услуга

Бидејќи многу апартхотели ја нагласуваат независноста, услугите како секојдневно чистење или услуга во соба може да бидат ограничени.

Не се секогаш поевтини

Во атрактивни локации, луксузните апартхотели можат да чинат исто колку и врвни хотели.

Дали апартхотелите ќе ги заменат хотелите?

Најверојатно не — но сигурно ќе го променат хотелскиот пејзаж.

Хотелите и понатаму доминираат кога станува збор за кратки престои, луксузни искуства и ресорт-туризам. Многу патници и понатаму ја сакаат целосната услуга, курираното гостопримство и едноставноста на класичниот хотелски престој.

Но апартхотелите брзо се позиционираат во средината помеѓу хотелите, долгорочните изнајмувања и платформите како Airbnb. Нивниот хибриден модел ја одразува пошироката промена во начинот на живот: луѓето се помобилни, пофлексибилни и сè почесто ја бришат границата помеѓу патувањето и секојдневието.

Наместо да ги заменат хотелите, апартхотелите всушност го редефинираат прашањето што значи сместување.

Во свет каде што некој може да престојува една недела, еден месец или дури цела сезона, прашањето веќе не е само „Каде спиеш?“ туку „Каде живееш додека си на пат?“

А за сè повеќе современи патници, одговорот е — некаде помеѓу.

ФОТО: Freepik