Пребарување
Тренд 28.05.2026

МАКЕДОНИЈА ДОБИ ХоРеКа-БИБЛИЈА: ПРИСТИГНА ПРВИОТ БРОЈ НА „BAR & RESTORAN“ – МАГАЗИН ШТО ЌЕ ЈА МЕНУВА УГОСТИТЕЛСКАТА СЦЕНА

Aleksandar Nakov

Македонското угостителство доби свој глас. И, судејќи според првиот број, тој глас допрва силно ќе се слуша.

Македонската гастрономска и угостителска сцена доби медиум што долго време ѝ недостигаше. Со амбиција да стане гласот на професионалците од рестораните, баровите, хотелите и винската индустрија, на македонскиот пазар официјално пристигна првиот број на списанието „Bar & Restoran Македонија“ – магазин што уште со своето деби најавува сериозен исчекор за целата ХоРеКа-индустрија.

Во впечатливиот воведник, генералниот и одговорен уредник Светислав Стојановиќ испраќа силна порака дека угостителството не е само работа, туку професија што се живее. Токму таа емоција е основата врз која е создаден новиот магазин – издание посветено на луѓето што стојат зад атмосферата, вкусот, сервисот и незаборавните гастрономски искуства.

Угостителите се посебен вид луѓе. Луѓе што не продаваат само храна, пијалак или соба. Тие продаваат чувство и создаваат спомени“, пишува Стојановиќ, нагласувајќи дека Македонија одамна заслужувала свој професионален ХоРеКа-магазин.

Првиот број носи внимателно селектирана комбинација од гастрономија, бизнис, трендови, инспиративни приказни и професионални анализи. Изданието го отвора интервјуто со Џовани Месијано од „Salvatore Italian Restaurant“, каде што се зборува за дисциплината, емоцијата и важноста на чувството што гостите го носат со себе по секоја вечера.

Во фокусот се и некои од најактуелните гастро-приказни во Скопје – од автентичната pizza napoletana на „Matto Napoletano“, па сѐ до големиот гастро-водич „Скопје има гастро-клима“, кој ја мапира новата ресторанска енергија во главниот град. Посебно внимание добиваат и угостителските концепти што внесуваат свежина на сцената, како „Два Елена“, „Електра Гарден“ и „Паб Корнер“.

Една од најамбициозните теми во магазинот е „Мишелин Македонија“ – анализа што отвора прашање дали македонската гастрономија конечно е подготвена за светско признание. Според редакцијата, земјава одамна има производи, вина, талентирани шефови и угостители што заслужуваат многу поголема меѓународна видливост.

Но, „Bar & Restoran“ не застанува само на храната. Во списанието значајно место добива и македонската винска сцена, преку приказните за „Stobi Winery Acacia“ и „Ten Barrels Syrah“ од Винаријата „Камник“, како и темите за природните пет нат вина, современата миксологија, specialty кафето и светските бар-трендови.

Особено моќен е завршниот дел од воведникот, каде што Стојановиќ прави паралела меѓу експанзијата на вештачката интелигенција и човечката суштина на угостителството. Во време кога технологијата сѐ повеќе навлегува во секојдневието, редакцијата испраќа јасна порака дека ниту една машина никогаш нема да може да ја замени искрената насмевка, топлината на сервисот и чувството дека некаде сте вистински добредојдени.

Со силен визуелен и уредувачки концепт, „Bar & Restoran Македонија“ уште со првиот број покажува дека не сака да биде само уште едно списание, туку платформа што ќе ја документира, промовира и придвижува домашната гастрономска и угостителска сцена.

Текст: Бар и ресторан