Пред само десетина години, најважните критериуми при избор на хотел беа локацијата, базенот и богатиот појадок. Денес туристите сè почесто прашуваат дали хотелот организира дегустација на локални вина, часови за готвење или посета на локални производители на сирење, маслиново масло или мед. Туризмот влегува во нова ера во која спомените имаат поголема вредност од луксузот.
Светските хотелски синџири веќе инвестираат милиони евра во таканаречени „experience packages“, односно пакети со локални искуства. Гостите сакаат да научат како се подготвува традиционално јадење, да вечераат во лозје или да учествуваат во берба на грозје. Токму ваквите содржини стануваат најсподелуваните моменти на социјалните мрежи.
Гастрономијата денес е еден од најсилните мотиви за патување. Истражувањата покажуваат дека сè повеќе туристи ја избираат дестинацијата врз основа на локалната кујна и винската понуда. Некои градови дури изградиле цел туристички бренд околу храната и рестораните.
Хотелите затоа повеќе не сакаат да бидат само место за спиење. Тие се претвораат во центри за доживување на локалната култура, музика и гастрономија. Во многу случаи, токму хотелскиот ресторан станува главната причина поради која гостите резервираат престој.
Експертите веруваат дека следниот голем тренд ќе бидат микро-искуствата – кратки, но автентични активности кои траат еден или два часа, а создаваат чувство на поврзаност со дестинацијата. Изгледа дека иднината на туризмот повеќе нема да се мери во квадратни метри, туку во приказни кои вреди да се раскажуваат.
ФОТО: cafebarrestoran.rs