Легендарниот бренд Orient Express, препознатлив по своите луксузни железнички патувања, го проширува своето портфолио и на море. Новиот Orient Express Corinthian е најголемиот едриличар во светот и претставува спој на врвен дизајн, одржливост и гастрономија на највисоко ниво.
Долг околу 220 метри, овој импресивен брод е опремен со иновативен систем од јаглеродни едра и напредни технологии, вклучувајќи вештачка интелигенција која помага да се намали негативното влијание врз морскиот свет. На него можат да престојуваат само 110 патници, што гарантира ексклузивно и интимно искуство.
Вистинска гастрономска дестинација на море
Една од најголемите атракции на бродот е неговата богата гастрономска понуда. На гостите им се достапни пет ресторани и осум тематски барови, секој со свој препознатлив концепт, амбиент и мени.
За кулинарското искуство задолжен е прочуениот француски готвач Јаник Алено, носител на повеќе Мишелин ѕвезди, кој креирал менија инспирирани од медитеранската и европската кујна.
Во рестораните се служат современи медитерански специјалитети, свежа морска храна, италијански класици со модерен пристап, како и дегустациски менија со внимателно избрани вина.
Барови со различен карактер
Секој од осумте барови има сопствена приказна. Еден е инспириран од елегантна библиотека и нуди свежо цедени сокови, шампањ и лесни пијалаци, додека барот покрај базенот е наменет за освежителни летни коктели со необични комбинации на вкусови.
Понудата на вина се менува во зависност од рутата на пловење, па гостите можат да дегустираат локални брендови од регионите низ кои минува бродот – од француското крајбрежје до Хрватска, Медитеранот и Карибите.
Винска колекција за вистински познавачи
На бродот има и ексклузивна винска визба со некои од најценетите вина во светот, но и брендови од помали, ретки производители. Освен дегустации на вина, организирани се и дегустации на специјални видови кафе и чај.
Луксуз инспириран од златната ера на патувањата
Ентериерот е дело на францускиот архитект Максим д’Анжеак, кој ја комбинирал препознатливата арт деко естетика на легендарните возови Orient Express со современ луксуз.
Покрај рестораните и баровите, гостите можат да уживаат во спа-центар, пространи палуби, приватни тераси и романтични вечери покрај морето, како и вечерна забава со музика во живо, диџеј настапи и елегантни салони.
Секоја од 54-те кабини располага со пространа тераса и внимателно дизајниран ентериер, со што престојот наликува повеќе на ексклузивен бутик-хотел отколку на класичен крузер.
Со својот иновативен пристап, врвна гастрономија и внимателно осмислен дизајн, Orient Express Corinthian поставува нови стандарди во светот на луксузните крстарења, нудејќи искуство кое ги обединува елеганцијата, удобноста и авантуристичкиот дух на патувањето по море.
Во продолжение погледнете како изгледа крстарењето со Orient Express Corinthian…
Matto Napoletano од Скопје е рангирана на 19. место на престижната листа 50 Top Pizza Europa 2026, со што официјално стана најдобро рангираната пицерија на Балканот и во Југоисточна Европа. Ова признание претставува значаен успех за Matto Napoletano, но и големо признание за македонската гастрономија.
Rooftop концептите стануваат симбол на модерно „fine dining“ искуство во градовите од регионот. Сè повеќе инвеститори и шефови готвачи отвораат ресторани на кровови со панорамски поглед.