Пребарување
Wine & Spirit 01.09.2026

Последната чаша вино од шишето може да има најлош вкус: Еве кога треба да побарате нова

Marija Lukarevska

Сте нарачале чаша вино во ресторан, првиот голтка ви делува чудно, но мислите дека е до вашето сетило за вкус? Ако келнерот штотуку ви ја налеал последната чаша од отворено шише, сосема возможно е проблемот да не е во вас – туку во самото вино.

Иако последната чаша од шишето не значи автоматски дека виното е расипано, начинот на кој било чувано и колку долго било отворено може значително да влијаат врз неговиот вкус. Виното, објаснуваат експертите, е „жива“ течност и се менува откако ќе дојде во контакт со кислород.

Не е проблемот што е последната чаша

Можеби сте помислиле дека треба да избегнувате да ја нарачате последната чаша од шишето. Но, самото тоа што во него останало само малку вино не значи дека тоа е лошо.

Ако шишето било отворено, на пример, во 18 часот, а последната чаша се служи во 21 часот, виното најверојатно сè уште е свежо. Кај некои вина, особено одредени црвени сорти, краткото изложување на воздух дури може да помогне ароматите подобро да се развијат.

Поголем проблем е колку долго шишето стоело отворено и како било затворено. Нема универзално правило колку денови едно отворено вино може да остане добро – тоа зависи од сортата, стилот, годината и карактеристиките на самото вино. Вината со повисока киселост и оние богати со танини обично подобро ја задржуваат свежината.

Како да препознаете дека виното веќе не е во најдобра форма?

Понекогаш знаците се прилично очигледни. Виното може да делува рамно, безживотно и без вообичаените свежи ароми. Наместо мирис на свежо овошје, може да почувствувате ноти кои потсетуваат на презреано или печено овошје, јаболка, па дури и оцет.

Вкусот може да биде неурамнотежен, без свежината и карактерот што би требало да ги има.

Важно е, сепак, да се направи разлика меѓу вино што навистина е расипано и вино чиј вкус едноставно не ви се допаѓа. Ако не ви се допаѓа одредена сорта или вкус, тоа не значи дека виното не е добро.

А што ако виното е „чепнато“?

Тоа е друга ситуација. Таканареченото „corked“ вино има карактеристичен непријатен мирис, кој често потсетува на влажна визба или мувла. Овој проблем е поврзан со соединението TCA и обично се забележува веднаш по отворањето на шишето.

Затоа, ако виното мириса чудно уште од првиот момент, причината не мора да биде тоа што шишето стоело отворено.

Не ви се допаѓа? Слободно кажете му на келнерот

Ова можеби е најважниот совет: не мора да ја испиете чашата само затоа што ви е непријатно да кажете дека нешто не е во ред.

Ако сте ја добиле последната чаша и виното ви се чини рамно или чудно, едноставно прашајте колку долго било отворено шишето. Ако сте убедени дека вкусот не е како што треба, сосема во ред е да побарате да пробате вино од ново шише.

Најдобро е тоа да го направите без обвинување. Наместо категорично „ова вино е расипано“, можете да кажете: „Можеби само мене ми се чини, но ова вино има малку поинаков вкус од оној што го очекував.“

На тој начин му давате можност на келнерот или сомелиерот да го провери виното и, доколку е потребно, да ви понуди нова чаша.

А ако ресторанoт правилно се грижи за вината, постојат и различни начини на нивно зачувување – од вакуумски пумпи и инертни гасови до системи како Coravin и Enomatic, кои помагаат виното подолго да ја задржи свежината.

На крајот, запомнете: последната чаша од шишето не е автоматски најлошата. Но, ако виното изгубило свежина, арома и вкус, нема причина да се чувствувате непријатно што ќе побарате нова. Сте платиле за чаша добро вино – не за последните неколку капки што случајно останале во шишето.

ФОТО: pexels