Пребарување
Хотел 24.04.2026

Совети за патување од човек што го обиколил светот – и вселената: „Бурмата оставете ја дома и носете своја постелнина“

Aleksandar Nakov

Професорот и претприемач Џим Кичен, кој посетил речиси секоја земја во светот, споделува необични, но исклучително практични совети за патување, произлезени од децениско искуство и живот поминат на пат.

Џим Кичен повеќе од три децении патува низ целиот свет. Кариерата ја почнал во осумдесеттите години на минатиот век во областа на маркетингот, а со текот на времето неговиот живот станал синоним за постојано движење, истражување и откривање нови култури. Во 2022 година, тој дури имал можност да „допре“ и до вселената, што дополнително ја заокружува неговата импресивна биографија.

Како што самиот истакнува, неговите патувања отсекогаш биле внимателно испланирани, но често знаел да отстапи од планот и да ја следи интуицијата. Токму тие моменти, вели тој, му донеле највредни искуства – од неочекувани работни ангажмани на пазари, до целосно спонтани авантури низ различни земји.

Се обидував да посетам што е можно повеќе држави за кратко време, но понекогаш свесно се откажував од плановите за да следам нови искуства,“ наведува Кичен.

Практични и нетипични совети за патување

Со искуство стекнато во 193 земји признати од Обединетите нации, како и со патување во вселената, Кичен издвојува неколку совети што, како што вели, можат да бидат од суштинско значење во одредени делови од светот.

Бурмата оставете ја дома

Еден од неговите најневообичаени совети е да не се носи венчалниот прстен на патување.

Според него, во одредени земји златниот прстен може да привлече несакано внимание и да претставува безбедносен ризик.

Не сакам да се знае дека сум оженет, бидејќи тоа потенцијално може да доведе до опасни ситуации, вклучително и киднапирање,“ вели тој.

Избегнувајте ресторани со спектакуларен поглед

Иако често се смета дека рестораните со панорамски поглед се врв на туристичкото уживање, Кичен предупредува дека тоа не секогаш значи и квалитетна храна.

Искусив дека местата со извонреден поглед често нудат разочарувачка храна,“ истакнува тој.

Резервната картичка чувајте ја одвоено

Безбедноста на парите и платежните картички е клучна при патување. Поради тоа, Кичен советува тие да не се чуваат на едно место.

Секогаш една кредитна картичка ја ставам во чевелот, како резерва во случај на кражба,“ објаснува тој.

Носете сопствен чаршаф

Иако може да изгледа непрактично, овој совет се однесува на комфорот при спиење.

Полиестерските постелнини во хотелите понекогаш се непријатни, па затоа секогаш носам свој чаршаф и навлака за перница,“ наведува Кичен.

Иако неговите препораки отстапуваат од вообичаените туристички правила, тие произлегуваат од искуството на човек кој буквално го има обиколено светот – и од секое патување извлекол лекции што не се наоѓаат во ниту еден водич.

Фото: Х