Пребарување
Храна 23.02.2026

Почнува велигденскиот пост – три феноменални и едноставни рецепти за ручек

Aleksandar Nakov

Велигденскиот пост е најдолг и најстрог, а за верниците претставува период на духовно смирување, воздржување и преиспитување, но и можност телото да се растовари и да се воведе во поедноставен, природен режим на исхрана. Иако многумина го доживуваат постот како откажување, тој всушност може да биде време за откривање нови вкусови, комбинации и креативни рецепти.

Постот никогаш не е пречка да уживаме во храната, само на малку поинаков начин. Доколку се двоумите што да приготвите за време на велигденскиот пост, ви претставуваме три предлози за посен ручек што се брзо приготвуваат и уште побрзо исчезнуваат од чинијата.

Рецепти за посен ручек

За време на постот се избегнуваат месо, млечни производи и јајца, а акцентот е на зеленчук, мешунки, житарки, ореви и овошје. Добро испланираниот пост може да биде хранлив и заситувачки, особено ако оброците се базираат на леќа, грав, наут, интегрален ориз и сезонски зеленчук. Клучот е во рамнотежата и разновидноста – за да се обезбедат доволно протеини, влакна и енергија.

Посна мусака со компири и печурки

Оваа верзија на омиленото јадење не содржи месо, но е еднакво заситувачка.

Потребно е:

  • 1 кг компири

  • 400 г шампињони

  • 1 главица кромид

  • 2 чеѓниња лук

  • 200 мл пире од домати

  • Сол, бибер, сув зачин, магдонос

  • Малку масло

  • 150 г тофу-сирење и пола чаша растително млеко (опционално)

Начин на приготвување:

Исечете ги компирите на тенки кругови и кратко сварете ги. На малку масло пропржете кромид и лук, додајте ситно сечкани печурки и динстајте додека омекнат. Зачинете и додајте пире од домати. Во намастена тава редете ред компири, ред фил со печурки, па повторете. Печете околу 40 минути на 200 °C. Прелијте со мешавина од тофу-сирење и растително млеко и вратете во рерна уште 10 минути, додека се создаде кора. Ќе добиете сочно и мирисно јадење, идеално за семеен ручек.

Супа од леќа со зеленчук

Леќата е одличен извор на растителни протеини и совршена за деновите на пост.

Потребно е:

  • 250 г црвена или зелена леќа

  • 1 морков

  • 1 компир

  • 1 пиперка

  • 1 главица кромид

  • 1 лажица пире од домати

  • Ловоров лист, сол, бибер

Начин на приготвување:

На малку масло пропржете кромид, додајте исечкан зеленчук, па испраната леќа. Долејте вода и гответе околу 30 минути. Пред крај додајте пире од домати и зачини. Супата е густа, хранлива и може да биде цел оброк со парче интегрален леб.

Фото: @maryloony

Посна тестенина со растително млеко и ореви

Брзо јадење што се приготвува за помалку од 20 минути.

Потребно е:

  • 300 г интегрални тестенини

  • 150 мл растително млеко

  • 2 чежниња лук

  • Грст мелени ореви

  • Маслиново масло, сол, бибер, копар

Начин на приготвување:

Сварете ги тестенините според упатството. На маслиново масло кратко пропржете лук, додајте растително млеко и гответе неколку минути. Ако е потребно, додајте лажица брашно за да се згусне сосот. Измешајте со цедените тестенини, зачинете и посипете ги со мелени ореви. Комбинацијата е едноставна, но полна со вкус и здрави масти.

Како што гледате, велигденскиот пост не мора да значи монотонска трпеза. Со малку фантазија и добра организација, ручекот може да биде разновиден, вкусен и хранлив. Најважно е оброците да се приготвуваат со внимание и во духот на постот – едноставно, но со многу топлина.

Фото: Freepik