Кафето веќе не е само пијалак – туку ритуал: Трендови и трикови што го менуваат секое утро
Мирисот на свежо кафе повеќе не значи само „разбуди се“ – туку и „уживај“.

Тематските кафулиња одамна се хит во светот, па така обожавателите на голем број филмови и ТВ-серии сè почесто добиваат уникатна можност да влезат во светот на омилените херои и барем за миг да побегнат од реалноста.
Она што до неодамна беше сон за фановите на серијалот „Хари Потер“ од регионот, сега е реалност. Во декември 2025, во Белград се отвори кафулето „Café 9 3/4“ комплетно инспирирано од приказната за популарниот волшебник што ги освои срцата на децата и возрасните ширум планетава.

Иако можеби е помало одошто би очекувале, ова кафуле е преполно со секакви магични детали. На самиот влез првото нешто што предизвикува восхит е небесниот таван украсен со лебдечки свеќи кој изгледа многу реалистично и е најголемиот „виновник“ за мистичната атмосфера што владее во локалот.
Само што ќе го пречекорите прагот ќе ве пречека и еден „дементор“ а на другата страна од шанкот, тука е и „капата избирачка“.

Ѕидовите се исполнети со портрети од ликовите и натписи од најпознатите реплики од серијалот. Особено интересен е видео-портретот кој „оживува“ веднаш штом некој гостин застане пред него. Менито е внимателно осмислено како примерок од весникот за волшебници Daily Prophet, а внатре ќе најдете уникатни домашни напивки како Butter Bear (десертен пијалак без алкохол) и специјални коктели како Verita Serum, Polijuice Potion и Liquid Luck.

Не пропуштајте ги и посебните десерти – Happy Birthday Cake и Madragora Cake. Ние ја пробавме роденденската торта на Хари – не можеме да кажеме дека нè воодушеви со вкусот, станува збор за обичен шлаг врз бисквит, но вреди за искуството. Цените се прилично нормални за тематско кафуле – капучино е 320 динари (околу 160 денари), Butter Beer е 530 динари (околу 260 денари), а десертите се по 570 динари (280 денари).

Секако, од звучниците одекнува музика од филмовите „Хари Потер“ што уште повеќе ве вовлекува во овој магичен свет, а како „најистаграмџиски“ катчиња за фотографирање би ги издвоиле летачките писма од Хогвартс, огледалото во форма на плакат со натпис „Have you seen this wizard“ и легендарната платформа 9 3/4 која гарантира влез во најдоброто училиште за волшебници. Има дури и волшебнички наметки и капи што можете да ги позајмите за да направите уште поавтентични фотографии за паметење.

Каде и да се свртите, ќе видите магија (дури ни тоалетот не отстапува од „харипотерскиот“ дух) – тешко е да се наброи сè што има внатре, па најдобро е да се доживее. Пожелно е да си направите резервација онлајн навреме, а не еден ден претходно, бидејќи најверојатно веќе сè ќе биде резервирано. Но добрата вест е што можете да се појавите и без резервација, па ако имате трпение да причекате малку и ако имате среќа да не начекате голема редица, љубезните вработени брзо ќе ви најдат место во овој волшебен свет.
Кафе-бар со сличен концепт има и во Солун. Станува збор за кафулето Doragon, коешто нуди две тематски простории.

Едната е постојана – и таа е посветена на универзумот на Хари Потер со автентична волшебничка атмосфера, а другата се менува во зависност од сезоната.
View this post on Instagram
Во Македонија моментално има едно тематско кафуле, инспирирано од ТВ-серијата „Пријатели“, кое претставува веродостојна реплика на познатото кафуле Central Perk.
View this post on Instagram
Што мислите вие за тематските кафе-барови? Сте имале ли можност да посетите некое такво кафуле?
Текст: Марија Лукаревска
Фото: приватна архива, Инстаграм
Дознајте ги први сите новитети, ексклузивни понуди и настани!