Читајте вино како експерт: 15 термини што го менуваат вашето уживање
Вински термини што секој љубител треба да ги знае.

Затворачот за вино одамна не е само технички детаљ, туку стратешки елемент кој директно влијае врз стилот, трајноста и перцепцијата на виното. Иако новите технологии донесоа бројни алтернативи, дилемата останува иста: дали традиционалната плута сè уште е најдобриот избор или современите затворачи ја презедоа водечката улога?
Современото винарство покажува дека не постои „најдобар“ затворач, туку соодветен избор според стилот и намената на виното.
Се проценува дека годишно се произведуваат околу 18 милијарди шишиња вино, од кои најголем дел се затворени со плута, додека остатокот користи навојни, стаклени и други алтернативни затворачи. Развојот на технологијата му даде на затворачот нова улога – активен фактор во процесот на зреење и зачувување на квалитетот.
Плутата се издвојува по својата еластичност и природна структура, која овозможува контролирана микрооксидација, неопходна за вина што зрееат со години.
Предности:
традиција, природен и обновлив материјал, погоден за долгорочно зреење
Недостатоци:
ризик од TCA, варијабилен квалитет, повисока цена, неизвесен краен резултат
Навојните затворачи се особено застапени во Австралија и Нов Зеланд и се користат претежно за свежи вина наменети за брза консумација. Тие го зачувуваат виното ароматично и стабилно, без ризик од корк дефекти.
Предности:
лесна употреба, достапност, нема TCA
Недостатоци:
перцепција на „поевтино“ вино, ограничено зреење, биолошки неразградлив материјал
Крунскиот затворач традиционално се користи кај пенливи вина, а повторно е актуелен кај природните pet-nat вина. Тој симболизира минимална интервенција и автентичен пристап, особено кај вина што се пласираат со природен талог.
Стаклените затворачи претставуваат компромис помеѓу плутата и навојот. Визуелно атрактивни и херметички, тие не создаваат дополнителни вкусови и се еколошки прифатливи. Сепак, се користат исклучиво за млади вина, бидејќи не се наменети за долгорочно зреење.
Идеален вински затворач не постои. Плутата останува незаменлива за вина со потенцијал за зреење, додека навојните, стаклените и крунските затворачи се логично решение за свежи, модерни и природни вина. Во современото винарство, изборот на затворач е дел од идентитетот на виното – подеднакво важен како сортата, тероарот и винската филозофија.
ФОТО: pexels
Дознајте ги први сите новитети, ексклузивни понуди и настани!