Пино Гриџо (Pinot Grigio) е едно од најпознатите и најпродавани бели вина во светот. Препознатливо е по својата свежина, минералност и лесен, елегантен вкус, поради што е чест избор во летните месеци. Иако потекнува од француската Бургундија, токму Италија го претвори во светски вински хит и денес е синоним за освежително бело вино кое лесно се комбинира со различни јадења.
Сортата е позната и како Pinot Gris во Франција и Ruländer во Германија, а денес успешно се одгледува во многу вински региони ширум светот. Името „Pinot“ доаѓа од обликот на гроздот, кој потсетува на шишарка, додека „Grigio“ се однесува на сивкастата боја на зрното.
Каков вкус има Pinot Grigio?
Најпознатиот италијански стил е суво, лесно и минерално бело вино со висока киселост и сламесто жолта боја. Во зависност од регионот и начинот на производство, во вкусот може да се почувствуваат ноти на лимон, лимета, зелено јаболко, круша и праска, а често се појавуваат и ароми на бадем, ѓумбир, мед и свежи билки.
Покрај класичниот сув стил, постојат и розе варијанти, како и познатиот италијански Ramato, кој благодарение на подолга мацерација добива препознатлива бакарна боја и поизразена структура.
Како правилно се служи?
Pinot Grigio најдобро е да се пие млад, кога најсилно доаѓа до израз неговата свежина. Препорачаната температура за сервирање е од 7 до 9 степени, а алкохолот најчесто се движи меѓу 11,5 и 13,5 проценти.
Со што најдобро се комбинира?
Поради изразената киселост, не се препорачува да се комбинира со јадења богати со домати или цитрусни сосови. Наместо тоа, одлично се вклопува со пржена или печена бела риба, ракчиња, школки, лесно зачинето пилешко месо, кремасти тестенини и свежи салати со аспарагус или артичоки.
Од сирењата најдобро се согласува со моцарела и рикота, а љубителите на азиската кујна често го избираат и како придружба на суши и лесно зачинети ориентални јадења. Ramato верзијата, пак, е одличен избор со сувомеснати деликатеси, поинтензивни сирења, печена живина и зеленчукови чорби.
Како да препознаете добро Pinot Grigio?
Поради огромната популарност, на пазарот има многу масовно произведени вина со послаб квалитет. Затоа познавачите советуваат да се избегнуваат најевтините етикети и вина што се продаваат исклучиво преку големи промотивни акции.
Меѓу најценетите италијански Pinot Grigio вина се оние од Алто Адиџе, Венето, Фурланија-Јулиска Краина и Ломбардија, региони познати по свежите и минерални стилови со изразен овошен карактер.
pexels – vino i grozje