Pinot Grigio потекнува од француската Бургундија, а во 14 век се проширил во северна Италија, каде што станал едно од најценетите бели вина. Денес најпознатите региони за негово производство се Алто Адиџе, Венето, Фурланија-Јулиска Краина и Ломбардија.
Оваа сорта се произведува во неколку стилови – суво бело, розе и Ramato, кој благодарение на подолгата мацерација добива бакарна боја. Италијанскиот Pinot Grigio најчесто е суво, лесно и освежително вино со изразена киселост и минералност.
Во аромата доминираат лимон, лимета, круша, зелено јаболко и праска, дополнети со ноти на бадем, мед, ѓумбир, билки и суптилна минерална соленост. Најдобро е да се консумира младо, разладено на температура од 7 до 9°C.
Pinot Grigio одлично се комбинира со пржена бела риба, морски плодови, пилешко месо, салати со аспарагус или артичоки, како и тестенини со благи кремасти сосови. Добро се согласува и со азиска кујна, како и со сирења како моцарела и рикота. Не се препорачува со јадења што содржат домати или цитрусни плодови поради високата киселост.
Стилот Ramato е одличен аперитив, а добро се вклопува и со сувомеснати производи, позрели сирења, печена живина и динстан зеленчук. При изборот на шише, експертите советуваат да се избегнуваат најевтините и масовно произведени етикети, бидејќи токму тие најмногу придонеле за лошата репутација на оваа сорта.
Меѓу најдобрите италијански Pinot Grigio вина се издвојуваат Pinot Grigio DOC Caldaro од Алто Адиџе, Ca’ di Rajo Pinot Grigio од Венето и Scarbolo Ramato Pinot Grigio XL, кој е еден од најдобрите примери за стилот Ramato.
pexels – vino i grozje