Пребарување
Wine & Spirit 19.02.2026

Опасна измама на винскиот пазар! Половина милион шишиња лажен шампањ

Dimitar Babalkov

Француската винска индустрија е потресена од голем скандал! Поранешниот винар Дидје Шопен беше осуден на 18 месеци затвор, со дополнителни 30 месеци условна казна, како и парична казна поради производство на стотици илјади шишиња лажен шампањ. Тој обични вина од Франција и Шпанија ги газирал со јаглерод-диоксид, додавал ароми и ги продавал како оригинален шампањ.

Во периодот од 2022 до 2023 година, според проценките, произведени се повеќе од половина милион шишиња лажен шампањ. Шемата е проценета на неколку милиони евра, а Шопен сега поднесува жалба на пресудата.

Лажен шампањ – опасна измама на винскиот пазар. Злосторството на Дидје Шопен со лажниот шампањ прво го откриле вработени во компанијата SAS Chopin во 2023 година, по што нивниот работодавач избегал во Мароко, каде започнал нов бизнис со производство на зеленчук. Во Мароко набрзо бил уапсен по друга обвинителна точка и затворен поради издавање чекови без покритие. Неговиот адвокат на судот во Ремс изјавил дека Шопен веќе поминал седум месеци во марокански затвор „во ужасни услови“, па затоа заслужува само условна казна.

Овој случај јасно покажува колкав е ризикот за ресторани, барови и дистрибутери кои не го проверуваат потеклото и документацијата на пијалаците што ги купуваат и ги служат. Набавката на непроверени шишиња може директно да значи сериозни финансиски загуби и нарушување на угледот, особено кога станува збор за премиум производи како шампањ.

Експертите истакнуваат дека ваквите измами не ги погодуваат само крајните потрошувачи, туку директно го загрозуваат и угостителскиот сектор. Лажниот шампањ може да ја уништи довербата на гостите, која тешко се обновува.

Остар став на винските здруженија
Регионалното тело Comité Champagne се приклучи кон тужбата (како граѓанска страна), нагласувајќи дека ќе инсистира на нулта толеранција кон ваквите прекршоци. Нивната мисија е да го заштитат угледот и вредноста на шампањот, што е клучно и за неговата позиција на меѓународниот пазар.

ФОТО: cafebarrestoran.rs