Пребарување
Кафе Бар 02.03.2026

Од вечера со пингвини до змии на маса – 8 фасцинантни кафулиња со животни низ светот

Marija Lukarevska

Уникатни кафулиња со животни ширум светот каде што можете да уживате во кафето или ручекот во друштво на дружељубиви миленици – од мачки и кучиња, до поегзотични видови. Од вечера со пингвини во Дубаи до гушкање капибари во Токио, овие места нудат искуства што засекогаш ќе ги паметите.

Кафулињата со животни се вистинска авантура – спој на гастрономско уживање и блиска средба со прекрасни суштества. Тие нудат можност за поврзување, учење и незаборавно искуство, сето тоа зачинето со вкусна храна и пијалаци.

Доколку сте љубители на животни и дивина, време е да додадете некое од овие кафулиња на вашата „листа со желби“. Тука не добивате само кафе и десерт, туку и крзнено (или перјесто, па дури и лушпесто) друштво. Во кафулињата со дружељубиви животни – како кучиња, мачки и капибари – можете да ги галите, храните и да си играте со нив. А во оние посветени на егзотични видови како пингвини и змии, ќе научите многу повеќе за нив додека поминувате време во нивна близина.

Подготвени за едно поинакво кафе-искуство? Ви претставуваме 8 неверојатни кафулиња со животни во светот.

1. Dinner with Penguins – Ski Dubai, Дубаи

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Zoe Liu (@zoeglamred)


Замислете да не ги гледате пингвините само низ стакло, туку да вечерате додека тие слободно се движат околу вас. Ова искуство е достапно во Ski Dubai, сместен во трговскиот центар Mall of the Emirates во Дубаи. Амбиентот наликува на снежна пештера, а посетителите облекуваат специјални јакни, ракавици и чизми пред да влезат. Резервацијата вклучува повеќечасовен оброк со неколку јадења, но вистинската ѕвезда на вечерта се пингвините кои се појавуваат меѓу сервирањата и „шетаат“ низ просторот. Според правилата, гостите не смеат да ги допираат ниту да ги хранат.

2. Cat Dog Cafe – Даегу, Јужна Кореја


Ова кафуле има две нивоа – едното резервирано за кучиња, другото за мачки. Посетителите можат да купат грицки за преслатките жители, но животните со панделки околу вратот се болни и не смеат да се допираат или хранат. Влезницата вклучува бесплатен пијалак, а престојот не е временски ограничен.

3. Boomah – The Owl Cafe, Абу Даби


Ова необично кафуле е дом на повеќе од 10 видови бувови. Посетителите имаат ретка можност одблизу да ги запознаат овие мистични суштества и да научат повеќе за нив. Концептот е насочен кон градење хармоничен однос меѓу луѓето и бувовите, додека гостите уживаат во пијалак во магичната атмосфера создадена од овие величествени птици.

4. Lady Dinah’s Cat Emporium, Лондон


Како дом на спасени мачки кои чекаат да бидат вдомени, ова лондонско кафуле нуди тематски простори инспирирани од „Алиса во земјата на чудата“, како магична шума и чајџилница во стилот на Лудиот Шапкар. Можете да си играте со околу 20 мачки и мачиња достапни за посвојување, додека уживате во кафе, пица или лесни закуски.

5. Capybara Cafe, Токио


Во ова токиско кафуле можете да галите, храните и да си играте со две џиновски капибари додека пиете ароматично кафе. Капибарата е најголемиот глодар на светот и потекнува од Јужна Америка. Тука можете да ги храните со пелети и зеленчук, уживајќи во топлото и незаборавно искуство.

6. Tokyo Snake Centre Cafe, Јапонија


Во ова уникатно кафуле сами избирате змија во стаклена кутија која ќе ви прави друштво на масата. Персоналот држи кратка лекција за „змиски бонтон“ и правилата на однесување. Просторот е уреден во стил на змиска кожа, а кафулето располага со околу 35 змии од 20 различни видови. Одредени змии може и да се допрат, но со дополнителна доплата. Влезницата вклучува безалкохолен пијалак, а на менито има и десерти и закуски.

7. David & Alpaca, Тајван

 

View this post on Instagram

 

A post shared by dibs (@dibs.sg)


Алпаката е вид животно познато по својата квалитетна волна. Во ова кафуле во Тајван, алпаките слободно се движат низ просторот додека гостите уживаат во богатото мени. Меѓу специјалитетите се издвојува хотпот со говедско, свинско и разновидни морски плодови, сервирани со свеж зеленчук.

8. Rabbitland Cafe, Хонг Конг


Во Rabbitland Cafe, гостите можат да галат преслатки зајачиња додека пијат чај или кафе. Околу шест зајаци им прават друштво на посетителите, а достапна е и храна што може да им ја купите. Кафулето нуди седење на под и на маса, но задолжително резервирајте однапред.

Кое од овие необични кафулиња прво би го посетиле? Споделете го вашиот избор во коментарите.

ФОТО: Инстаграм, Јутјуб