Пребарување
ПИЈАЛАК 30.04.2026

Ви ја претставуваме ХАЛАБЕСА – египетска улична напивка што ќе ви ги задоволи сите сетила

Marija Lukarevska

Египќаните се свртуваат кон овој зачинет пијалак од наут и домати кога им треба топлина, хранливост и утеха.

На тротоарите во Каиро ќе видите продавачи како точат густ, доматен бујон богат со наут во чаши, а потоа го надополнуваат со парчиња лимон и прстофат чили. Ова египетско секојдневие се нарекува халабеса.

Иако на прв поглед може да наликува на супа за многу западни читатели, во својата татковина таа се смета за пијалак. Како што објаснува египетската готвачка и кулинарска инструкторка Сузан Мохтар:

„Халабеса, или хумус ал-Шам, е дефиниција за египетска утеха во чаша. Топла е, заситува и има уникатна двојност – ја чувствуваш како напивка, а те заситува како мал оброк.“

Што е халабеса?

Халабеса, позната и како хумус ал-Шам (што во превод значи „наут од Левантот“), е традиционален египетски зачинет пијалак.

„Се приготвува главно од наут, домати и сок од лимон, а потоа се зачинува со ким и чили во прав,“ вели Мариам Хамди, египетска готвачка и креаторка на рецепти.

Бујонот има продорна арома која е истовремено киселкаста и земјеста.

„Самата пареа има смирувачко дејство,“ додава Мохтар.

„Се одликува со длабок, интензивен мирис на лук, ким, чили и лимон.“

Вкусот е еднакво впечатлив.

„Има совршен умами-шмек од доматниот бујон, силен пикантен удар од чилито и свежа киселкастост од сокот од лимон,“ објаснува Хамди.

„Ова навистина е топол и заситувачки пијалак.“

Точното потекло на халабеса не е познато, но, како што истакнува Хамди, „наутот е дел од египетската кујна илјадници години“.

Традиционално, халабеса се консумира поради својата топлина и заситувачка природа.

„Кога ќе се стемни и ќе се почувствува свежиот вечерен воздух, сите посакуваме нешто што ќе нè стопли. Халабеса е совршен, утешен начин да се заокружи денот.“

Наутот, богат со влакна, протеини и здрави мононезаситени масти, гарантира дека овој пијалак е и заситувачки и хранлив. Локалното население често му припишува и лековити својства.

„Во Египет отсекогаш се сметал за вид лек – нешто што го загрева телото, го смирува болното грло, па дури и ‘го отвора градниот кош’ благодарение на комбинацијата од ким, лук, чили и лимон,“ објаснува Мохтар.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by hind kasem (@bookofdishes)

Класична улична храна

Халабеса најчесто се среќава во Каиро и Александрија, каде што ја продаваат улични продавачи.

„Продавачот ја точи халабесата во пластична чаша, додава половина лимета и посипува со црвени чили снегулки,“ вели Маха Барсум, готвачка и сопственичка на Maha’s Egyptian Brunch во Торонто.

Низ Египет постојат мали варијации во рецептот.

„Некои градови ја сакаат покисела, како во Александрија, додека други ја прават попикантна, како во Каиро,“ објаснува Мохтар.

„Некаде претпочитаат побогат бујон или повеќе наут. Но суштината на халабеса останува иста – секој само додава свој мал печат.“

Како да направите халабеса дома

Халабеса лесно се приготвува дома со неколку едноставни состојки, а може да се чува во фрижидер до два дена.

Започнете со потопување една шолја сув наут во ладна вода прекуноќ за да омекне. Иако може да изгледа како дополнителен напор, овој чекор е клучен за традиционалниот рецепт.

„Наутот мора да се потопи во ладна вода една вечер однапред,“ вели Барсум.

„Најдобро е да се подготви од почеток со сув наут, а не од конзерва.“

Откако ќе омекне, исцедете го и измијте го, па ставете го во голем сад со четири шолји свежа вода. Оставете да зоврие, потоа намалете ја температурата и варете на тивко додека омекне – околу еден до еден и пол час.

Кога наутот ќе омекне, додајте две чешниња згмечен лук, една лажичка ким, една лажичка чили во прав и два свежи домати или две лажици доматно пире. Варете уште 15 минути за да се соединат вкусовите. Додајте сок од еден лимон и посолете по вкус. Послужете ја халабесата врела во чаши, со мала лажичка за да го извадите наутот.

Слободно експериментирајте со свои варијации.

„Јас секогаш додавам повеќе чили и обилен сок од лимон за поинтензивен и посвеж вкус,“ вели Мохтар.

Некои додаваат и прстофат мелен коријандер или пиперка.

Барсум оди чекор понатаму:

„Колку ќе биде луто зависи од вас. Чили снегулките се одлични, но може да се користи и хариса или Табаско. Иако не се традиционални, даваат поинаков вкус.“

Како ви звучи оваа напивка? Би пробале халабеса?