Пребарување
Wine & Spirit 21.07.2026

Винскиот затворач: предности и недостатоци на плутата, навојниот и стаклениот затворач

Dimitar Babalkov

Изборот на затворач повеќе не е само технички детал, туку важен фактор што влијае врз созревањето, квалитетот и стилот на виното. Иако плутата останува симбол на традицијата, современите алтернативи сè повеќе добиваат доверба кај винарите.

Во современото винарство затворачот има значајна улога во зачувувањето и развојот на виното. Освен што ја затвора шишето, тој влијае на созревањето, трајноста и конечниот квалитет, па изборот зависи од стилот на виното и очекуваниот период на одлежување.

Плутениот затворач и понатаму е најзастапен во светот. Изработен е од кората на плутниот даб и овозможува контролирана размена на кислород, што е важно за вината што треба да стареат. Постојат природни, агломерирани и комбинирани видови плута, а особено е ценета во Франција, Италија, Шпанија, САД и Кина.

Главните предности на плутата се традицијата, природното потекло и можноста за долго одлежување на виното. Недостатоци се повисоката цена, ризикот од појава на TCA („мирис на плута“) и нерамномерниот квалитет.

Навојниот затворач (screw cap) стана популарен најмногу во Австралија и Нов Зеланд, откако многу винари претрпеа загуби поради неисправни плутени затворачи. Тој е практичен, лесен за отворање, не создава TCA и најдобро ги зачувува свежината и аромите кај вината наменети за брза консумација.

И покрај предностите, навојниот затворач не е идеален за долго одлежување, бидејќи премногу го ограничува контактот со кислород, што може да влијае врз развојот на вкусот. Сепак, изборот на затворач не е показател за квалитетот на виното, туку за неговиот стил и намена.

Стаклените затворачи претставуваат компромис меѓу плутата и навојниот затворач. Тие не влијаат на вкусот, спречуваат оксидација и овозможуваат лесно отворање, поради што најчесто се користат за млади вина што се пијат веднаш. За пенливите природни вина, пак, најчесто се користи крунскиот метален затворач.

Не постои идеален затворач за секое вино. Плутата останува најдобар избор за вина што созреваат со години, додека навојните, стаклените и крунските затворачи се практично решение за свежи, модерни и природни вина.

pexels – vino