Пребарување
Тренд 26.08.2026

Веќе не го прашуваме само Google каде да јадеме: AI полека станува новиот ресторански водич

Dimitar Babalkov

Сè повеќе гости користат вештачка интелигенција за да изберат ресторан, а тоа ги тера угостителите да размислуваат поинаку за своето онлајн присуство. Во иднина можеби нема да биде доволно само да имате добри оценки – AI треба и да ве „разбере“.

Замислете да напишете: „Најди ми мирен ресторан со добра паста, до 30 евра, каде што можам да седам сам и да не е туристичка замка.“ Наместо да отвoрате десет страници со ресторани, вештачката интелигенција може да ви состави кратка листа според токму тие услови. Тоа веќе не е само футуристичко сценарио.

Според податоци од DoorDash, 22 проценти од анкетираните потрошувачи веќе користеле AI алатка како ChatGPT или Google Gemini за помош при изборот на ресторан. Компанијата наведува и дека платформите за ресторански листинзи се значаен извор што AI алатките го користат кога даваат препораки.

Тоа создава нов проблем за рестораните. Досега беше важно да имате добри фотографии, оценки и ажурирано мени за луѓето што пребаруваат на интернет. Сега информациите треба да бидат доволно точни и структурирани за машината правилно да разбере што нудите, каде се наоѓате, колку чините и за каква пригода сте добар избор.

И тука работите стануваат интересни. Ресторан што е одличен, но има старо мени на интернет или погрешно работно време може да биде невидлив за некој што бара преку AI. Од друга страна, добро одржуваното дигитално присуство може да значи дека токму вашиот ресторан ќе биде предложен на човек кој никогаш претходно не слушнал за вас.

На крајот, AI можеби нема да го замени ресторанскиот критичар, пријателот што секогаш знае каде се јаде добро или случајното откритие во некоја уличка. Но веќе го менува првиот чекор – како воопшто стигнуваме до изборот. А за рестораните тоа значи дека битката за гостите полека се сели од улицата и Instagram во еден нов простор: разговорот со вештачката интелигенција.

restoran freepik