Палачинките се едно од оние јадења со кои речиси и да не може да се погреши. Но ако сакате од „добри“ да ги претворите во навистина одлични, славниот шеф Гордон Ремзи има еден едноставен трик кој прави голема разлика – а не бара ниту посебни состојки, ниту комплицирана техника.
Не е важно само да бидат испечени – важна е и бојата
Според Ремзи, една од најважните работи кај совршените палачинки е убавата, златно-кафена боја. Токму таа боја не е само естетски детаљ, туку знак дека на површината се случува она што готвачите го нарекуваат Мајардова реакција – хемиски процес при кој се создаваат сложени ароми и вкусови при термичка обработка.
Неговиот пристап е малку поинаков од оној за класичните американски палачинки. Идеалната палачинка за Ремзи е нешто помеѓу американската мека и воздушеста палачинка и тенката британска верзија, односно комбинација која е доволно нежна, но не премногу дебела.
Трикот е во путерот
И тука доаѓа најинтересниот дел.
Додека палачинката се пече, Ремзи додава мали парчиња путер околу нејзините рабови, директно во тавата. На овој начин путерот помага површината на палачинката порамномерно да се запече и да добие убава златна боја, а воедно додава и побогат вкус.
Откако ќе ја преврти палачинката, додава уште малку путер за и другата страна да добие убава боја. Резултатот е палачинка со рамномерно запечена, златно-кафена површина, наместо бледа и речиси безбојна палачинка.
Како да ги послужите?
Ако сакате да го следите и начинот на кој Ремзи ги сервира, не ви треба ништо премногу комплицирано. Тој ги завршува палачинките со малку шеќер во прав, свежи малини, рендана кора од лимон и неколку капки лимонов сок.
Што се однесува до јаворовиот сируп, шефот има уште еден совет: наместо палачинките да ги „удавите“ во сируп, доволно е само лесно да ги прелиете. Така ќе ги почувствувате и вкусот на самата палачинка и останатите додатоци.
Значи, следниот пат кога ќе правите палачинки, не брзајте да ги тргнете од тавата веднаш штом се испечат. Дајте им време да добијат убава златна боја и додајте малку путер околу рабовите. Можеби токму овој мал чекор ќе биде разликата меѓу обичните домашни палачинки и оние од кои сите ќе бараат репете.
ФОТО: ТикТок, Инстаграм