Пребарување
Тренд 12.09.2026

Кога модата влезе во ресторан: луксузните брендови веќе не продаваат само облека, туку и вечера

Dimitar Babalkov

Модните куќи сè почесто го прошируваат својот свет со кафулиња, ресторани и гастрономски настани, претворајќи го оброкот во продолжение на брендот.

Луксузот веќе не завршува со излогот и гардеробата. Сè повеќе модни куќи ја користат храната како нов начин да го продолжат својот свет и надвор од продавниците. Наместо клиентот само да купи производ, тој може да влезе во простор каде што архитектурата, музиката, дизајнот, храната и услугата се дел од една иста приказна.

Овој феномен особено се гледа кај големите луксузни брендови. Dior, Louis Vuitton, Prada, Gucci и други куќи веќе развиваат гастрономски концепти и простори во кои храната е дел од поширокото lifestyle искуство. Според Fine Dining Lovers, ресторанот станува еден од најдостапните начини преку кој публиката може директно да влезе во светот на еден луксузен бренд.

Кога брендот станува место

Новиот модел оди и чекор понатаму. Во Лондон, на пример, се појавуваат продавници во кои купувањето е комбинирано со ресторан или кафуле, создавајќи простор во кој клиентот може да помине многу повеќе време отколку во класична продавница. Financial Times неодамна издвојува неколку вакви хибридни концепти, каде што модата, дизајнот и храната се намерно споени.

Токму тука лежи и главната идеја: денес брендот не сака само да биде виден, туку да биде доживеан. Вечерата во таков ресторан станува дел од идентитетот на брендот, а фотографијата од масата, ентериерот или десертот може да стане исто толку важна како и производот што се продава во продавницата.

За гостите тоа носи нов вид луксуз – не само да поседуваат нешто од познат бренд, туку да поминат неколку часа во неговиот свет. А за модните куќи, ресторанот станува нова сцена на која можат да ја раскажат својата приказна без класична реклама.

Фото: cafebarrestoran.rs