Тирамисуто добива нови лица: класичниот италијански десерт влегува во нова ера
Од матча и ф’стаци до десерти во чаша и сладолед – популарниот вкус се појавува во сè повеќе креативни варијанти.

Вечера со музика во живо, дегустација со однапред осмислено мени, средба со готвачот, тематска вечер или прослава на мал личен успех – угостителството сè повеќе се движи во насока на создавање доживувања, а не само послужување храна и пијалаци. Гостите сакаат излегувањето да има своја приказна, повод и содржина, а рестораните и кафе-баровите што ќе успеат да го препознаат тоа добиваат нова можност да се издвојат од конкуренцијата.
Овој тренд, познат како *experiential dining* или угостителство засновано врз доживување, станува еден од позначајните правци во развојот на индустријата. Неговата суштина е едноставна: гостите не доаѓаат само за да нарачаат јадење, туку за да поминат време на начин што ќе го паметат.
Од обичен ручек до повод за излегување
Досега ресторанската посета најчесто се поврзуваше со ручек, вечера, роденден или друг однапред планиран повод. Но навиките се менуваат. Сè почесто, и помалите секојдневни моменти стануваат причина за резервација – завршен проект, добри вести, исплата на плата, средба со пријателите или едноставна желба да се направи пауза од рутината.
Во извештајот за трендовите во ресторанската индустрија за 2027 година, објавен од платформата OpenTable на 4 ноември 2026 година, овој феномен е означен како „микроповоди“ за излегување. Според истражувањето спроведено меѓу 2.001 испитаник во САД, 35 отсто од Американците очекуваат во 2027 година почесто да прославуваат мали, секојдневни поводи со посета на ресторан. Кај припадниците на генерацијата З тој удел достигнува 56 отсто.
Ова е важен сигнал за угостителите: не мора секоја посета да биде поврзана со голема прослава. Понекогаш доволна е добра понуда, пријатна атмосфера и причина гостите да го изберат токму тој објект.
Вечерата станува дел од целосна вечерна програма
Еден од најинтересните правци е поврзувањето на храната со забавата и културните содржини. Наместо ресторанот да биде единствената дестинација, тој станува дел од пошироко вечерно искуство – вечера пред концерт, пијалак по театарска претстава, тематска вечера со музичка програма или гастрономски настан со дегустација.
Според податоците на OpenTable, 40 отсто од анкетираните Американци очекуваат забавните и културните настани почесто да бидат повод за посета на ресторан во 2027 година. Во истиот извештај се наведува и дека резервациите за посебни ресторански доживувања преку платформата пораснале за 51 отсто на годишно ниво во 2026 година.
За угостителите, тоа отвора простор за креативни концепти: вечери со однапред утврдено мени, дегустации на локални вина, гастрономски работилници, гостувања на готвачи, тематски недели или соработка со музичари и уметници.
Не е неопходно секој настан да биде голем или скап. Понекогаш добро осмислена вечер со ограничен број гости може да создаде поголем интерес отколку секојдневна промотивна понуда.
Гостите бараат вредност, а не само најниска цена
Иако доживувањето станува сè поважно, цената останува еден од клучните фактори при изборот на ресторан. Современите гости сакаат да знаат што добиваат за парите што ги издвојуваат, а тоа не се однесува само на големината на порцијата.
Вредноста ја сочинуваат квалитетот на храната, свежината на состојките, професионалната услуга, амбиентот и целокупното искуство. Затоа, угостителите мора внимателно да ги осмислат понудите што ќе бидат привлечни за гостите, но истовремено финансиски одржливи за објектот.
Извештајот на OpenTable за 2027 година покажува дека 34 отсто од анкетираните Американци, кога располагаат со ист буџет, би избрале подостапен ресторан во кој можат да нарачаат повеќе храна и пијалаци, наместо поскап објект со помал избор. Тоа укажува дека гостите не се откажуваат од излегувањето, туку повнимателно го избираат начинот на кој ќе ги потрошат парите.
За рестораните, решението може да биде во добро осмислени сезонски менија, комбинации на јадења и пијалаци, понуди за споделување и специјални цени во одредени периоди од денот – без компромис со квалитетот.
Лојалноста се гради со чувство на припадност
Друг значаен тренд е враќањето на гостите во истите угостителски објекти. Во време кога изборот е огромен, а нови ресторани и кафе-барови постојано се појавуваат, создавањето круг редовни гости станува особено важно.
Според истиот извештај на OpenTable, 64 отсто од припадниците на генерацијата З и 57 отсто од миленијалците во САД сакаат да станат редовни гости во ресторан во текот на 2027 година. Причините се практични, но и емотивни: доследна услуга, препознатлив персонал, удобност и чувство дека не се само уште една резервација во системот.
Ова е можност за рестораните и кафе-баровите да вложат во односот со гостите. Персонализираниот пристап, препознавањето на редовните посетители, внимателно осмислените програми за лојалност и комуникацијата што не се сведува само на рекламирање можат да направат значителна разлика.
Трендовите мора да се претворат во одржлив бизнис-модел
Сепак, создавањето доживување не значи дека секој ресторан треба да се претвори во простор за настани. Успешната стратегија започнува со разбирање на целната публика, можностите на објектот и неговиот препознатлив идентитет.
За еден ресторан тоа може да биде дегустациско мени со локални производи, за друг – вечери со музика во живо, а за трет – понуда за брзи деловни ручеци со беспрекорна услуга. Важно е идејата да биде автентична, финансиски оправдана и доследно реализирана.
Исто така, угостителите треба да ги следат резултатите: бројот на резервации, просечната потрошувачка, интересот за специјалните настани и процентот на гости што повторно се враќаат. Само така новите концепти можат да се претворат во вистинска деловна предност.
Угостителството влегува во период во кој конкурентноста нема да се мери само според менито, локацијата или цените. Сè поважна ќе биде способноста на објектот да создаде искуство што гостите ќе сакаат да го повторат – и за кое ќе им раскажуваат на другите.
Затоа, можеби најголемата промена не е во тоа што рестораните почнуваат да нудат нешто ново, туку во тоа што гостите сè почесто очекуваат секоја посета да има своја причина.
Текст: cafebarrestoran.mk
Дознајте ги први сите новитети, ексклузивни понуди и настани!