Пребарување
Шеф 26.08.2026

Најлесниот десерт што ќе го правите до крајот на летото: Сладолед од 3 состојки по рецепт на Џејми Оливер

Marija Lukarevska

Ни преостанува уште малку од летото за да уживаме во домашен сладолед, а ако мислите дека за неговата подготовка ви треба специјална машина, комплицирана техника или долг список на состојки – Џејми Оливер има многу поедноставно решение.

Познатиот британски готвач има рецепт за кремлив сладолед од само три состојки, кој не се мати во машина и се приготвува за само неколку минути. Најдоброто е што основниот рецепт лесно можете да го приспособите според вкусот и состојките што веќе ги имате дома.

За основата ви требаат само две состојки

Основата на сладоледот се состои од слатка павлака за матење и засладено кондензирано млеко. Третата состојка е изборот на вкус – Џејми користи чоколадо или чоколадни слатки, но тука можете да бидете целосно креативни.

За поголема количина, оригиналниот рецепт на Џејми Оливер користи околу 600 мл слатка павлака, една конзерва засладено кондензирано млеко од 397 грама и околу 180 грама чоколадни плочки.

Начин на подготовка

Најпрво матете ја слатката павлака додека добиете меки врвови. Важно е да не ја прематите – смесата треба да остане воздушеста.

Потоа постепено додавајте го кондензираното млеко и нежно промешувајте, внимавајќи да не го изгубите воздухот од изматената павлака. Џејми советува да ја приспособите количината на кондензирано млеко според тоа колку сладок сладолед сакате.

Следува најзабавниот дел – додавањето на вкусот. Можете да искршите од омиленото чоколадо и да го додадете во смесата, а можете да употребите и бисквити, овошје, карамела или што и да ви се најде при рака.

Не ви треба машина за сладолед

Приготвената смеса префрлете ја во калап за леб или друг сад погоден за замрзнувач. Најдобро е претходно да го обложите со хартија за печење или проѕирна фолија – така сладоледот многу полесно ќе го извадите кога ќе биде готов.

Оставете го во замрзнувач додека целосно се стегне, најмалку четири часа. Пред послужување, Џејми советува да го преместите во фрижидер околу 45 минути до еден час. Така ќе омекне доволно за полесно да се сече или сервира.

Интересно е што Џејми претпочита сладоледот да го извади целиот од калапот и да го сече на парчиња, наместо класично да прави топки со лажица за сладолед.

@jamieoliver 5 MINUTE #icecream using just 3 INGREDIENTS! 🍦 #budgetfriendly #savingmoney #icecreamday #dessert #easyrecipe ♬ Ice Cream (with Selena Gomez) – BLACKPINK & Selena Gomez

Еве како да го направите по ваш вкус

Токму можноста за експериментирање е една од најдобрите страни на овој рецепт. Наместо чоколадо, можете да додадете:

  • свежи јагоди или другo сезонско овошје;
  • искршени бисквити;
  • парчиња чоколадо;
  • печени јаткасти плодови;
  • карамела;
  • рендана кора од лимон или портокал.

Џејми има приготвувано и овошни варијанти, меѓу кои и верзија со јагоди, ванила и парчиња меренга.

Ако имате отворено пакување бисквити кое веќе не е толку свежо, не мора да го фрлате – искршете ги и додајте ги во смесата. Така за неколку минути можете да добиете сосема нов десерт.

Најважниот трик? Не ја комплицирајте работата. Добро изматена павлака, засладено кондензирано млеко и омилениот додаток се доволни за кремлив домашен сладолед без машина и без посебни кулинарски вештини.

ФОТО: ИНСТАГРАМ, ТИКТОК