Илустрирана тура на типовите сладолед ширум светот
Колку навистина го познавате сладоледот?

Многу вкусови, одлична домашна музика и различна фестивалска атмосфера секоја вечер.
Од 4 до 8 септември, паркот „Авионче“ повторно ќе стане една од највкусните и најраспеаните точки во градот. Второто издание на AERO Street Food Festival носи пет фестивалски вечери, 20 гастрономски приказни и богата програма со домашни изведувачи. За подготовките и очекувањата разговараме со Дарко Панчевски, еден од организаторите на фестивалот.

Убавина и здравје: Од 4 до 8 септември Скопје повторно ќе живее во ритамот на AERO Street Food Festival. Што подготвувате годинава?
Дарко Панчевски: По одличното искуство од минатата година, се враќаме со поголем, позвучен и поразновиден фестивал. Паркот „Авионче“ ќе биде место каде што се спојуваат квалитетната улична храна, македонска музика и урбаната енергија.
Подготвуваме пет дена со различни вкусови, настапи во живо на бендови, диџеј-сетови и содржини за сите генерации. Целта е да создадеме вистинско градско доживување во кое посетителите ќе сакаат да доаѓаат секоја вечер.
Убавина и здравје: Што го издвојува фестивалот од останатите гастрономски настани?
Дарко Панчевски: Неговиот карактер. Ова не е само фестивал на храна, туку спој на гастрономија, музика, дружење и урбана култура. Концептот е доволно опуштен за семејна посета во попладневните часови, но и доволно динамичен за вечерно излегување.
Дополнителна предност е локацијата. Паркот „Авионче“ има своја енергија, а за време на фестивалот ќе се трансформира во мала градска гастрономска и музичка сцена.
Убавина и здравје: Најавивте 20 гастрономски брендови. Каква понуда ќе ги очекува посетителите?
Дарко Панчевски: На едно место ќе можат да се вкусат такоси, суши, бургери, сендвичи, хот-дог, гиро, свежа паста, пица, фокача, кебапи и различни печива. Ќе има и сладолед, палачинки, сутлијаш и други десерти.
Зад секој штанд стои локален бренд со сопствена приказна, препознатлив производ и голема посветеност. Фестивалот е можност тие приказни да допрат до поширока публика. Успеавме да ги собереме најдобрите од Скопје.

Убавина и здравје: Како ги избиравте гастрономските учесници?
Дарко Панчевски: Не сакавме бројност само заради бројност. Избиравме квалитетни и различни концепти со сопствен идентитет, за посетителите секој ден да имаат причина да пробаат нешто ново.
AERO Street Food Festival е простор на кој локалните брендови можат да се претстават пред многубројна публика и да создадат директен однос со потрошувачите. Токму во тоа ја гледаме и пошироката вредност на фестивалот-поддршка и промоција на локалната гастрономска сцена.
Убавина и здравје: Храната е во центарот, но музиката е важен дел од атмосферата. Што ќе слушаме годинава?
Дарко Панчевски: На сцената ќе настапат South Park, Ringtones, Dopamine, Marbel и Acoustic Division со трибјут посветен на Владо Јаневски. Дел од програмата се и Milan Serafimov, Aleksandar Jordanov, „Јанко петел јаваше“, како и диџеите Marko, Vaso, Rizinski, Fluere, Guardian и Ficho и Sure Shotz со специјален трибјут посветен на ДНК. Програмата е наменета за различни генерации и музички вкусови, со силен акцент на домашната музичка сцена.

Убавина и здравје: Колку е сложено да се организира фестивал од ваков обем?
Дарко Панчевски: Зад петте фестивалски дена стојат месеци работа – координација со учесниците и изведувачите, продукција, техничка организација, безбедност, хигиена и промоција.
Предизвикот е сите сегменти да се поврзат во едно целосно искуство. Посетителот треба лесно да се движи низ просторот, да има разновидна понуда, добра музика и пријатна атмосфера. Тоа е резултатот кон кој работи целиот тим.
Убавина и здравје: Колку е важна поддршката од Општина Аеродром и Град Скопје?
Дарко Панчевски: Исклучително е значајна. Таа покажува дека институциите ја препознаваат вредноста на настаните што го оживуваат јавниот простор, ја збогатуваат градската понуда и создаваат можности за домашните музичари и локалните гастрономски брендови.
Кога институциите, приватниот сектор, изведувачите и малите бизниси работат кон иста цел, се создава настан од кој придобивки има целата заедница.

Убавина и здравје: Каква публика очекувате?
Дарко Панчевски: Публика од сите генерации. Во текот на денот фестивалот е идеален за семејства со деца, додека вечерните часови носат поинтензивна концертна и забавна атмосфера.
Некој ќе дојде поради омилениот гастрономски бренд, друг поради музичкиот настап, а трет поради дружењето на отворено. Наша задача е сите да си заминат со убаво искуство.
Убавина и здравје: Освен на AERO Street Food Festival, на кои други проекти работите?
Дарко Панчевски: Професионално сум активен во маркетингот, ПР-от и организацијата на настани. Нашата агенција Lions in Move работи со повеќе клиенти, како и на кампањи, фестивали и концерти.
Летово ги изработивме маркетингот и ПР-от за концертот на Влатко Миладиноски во Хераклеја, Битола, кој ја исполни локацијата до последното место. Во моментов работиме и на Европското првенство во танц во Скопје, како и на маркетингот и ПР-от за Аква Парк Пробиштип. Секој проект е различен, но целта е иста – квалитетни настани и подобра понуда за публиката.

Убавина и здравје: Што би им порачале на читателите на Убавина и здравје?
Дарко Панчевски: Од 4 до 8 септември ги очекуваме во паркот „Авионче“ – гладни, расположени и подготвени за добро дружење. Ќе има многу вкусови, одлична домашна музика и различна фестивалска атмосфера секоја вечер.
Нашата порака е едноставна: повелете заедно да ја создадеме приказната на AERO Street Food Festival.
Дознајте ги први сите новитети, ексклузивни понуди и настани!