Пребарување
Стрит фуд 15.07.2026

Илустрирана тура на типовите сладолед ширум светот

Marija Lukarevska

Колку навистина го познавате сладоледот?

Затворете ги очите и помислете на сладолед. Што си замислувате?

Одговорот во голема мера зависи од тоа каде живеете. Затоа што светот на сладоледот е многу поразновиден отколку што повеќето од нас мислат. Мислите дека секој сладолед е мек, кремаст и лесен за вадење со лажица? Тогаш запознајте се со семифредото што може да се сече на парчиња, турската дондурма што се развлекува како растопена моцарела или индиското кулфи, кое со часови се вари пред да се замрзне во калапи.

Ова е избор од најинтересните видови сладолед што можете да ги сретнете низ светот!

Тврд сладолед (Hard Custard Ice Cream)

Текстура: Богата, еластична и лесна.

За повеќето Американци ова е класичниот сладолед. Се подготвува со многу слатка павлака и јајца, кои му даваат богат вкус, кремаста текстура и стабилност. По матењето се замрзнува за да може лесно да се формираат совршени топки. Резултатот е идеален баланс меѓу богат вкус, еластичност и леснотија.

Џелато (Gelato)

Текстура: Густа и интензивна.

Џелато е едноставно италијанскиот збор за сладолед, но сепак се разликува од американскиот. Додека американскиот сладолед е полесен и повоздушест, џелатото е погусто и поинтензивно. Толку е густо што понекогаш тешко се обликува во совршени топки, а при јадење буквално се топи и лизга по непцето. Својата густина ја должи на поголемиот удел на млеко отколку павлака, побавното матење, малата или никаква употреба на јајца и малку повисоката температура на сервирање, што овозможува вкусот побрзо да се почувствува.

Замрзнат јогурт (Frozen Yogurt)

Текстура: Густа.

Иако често има лоша репутација поради индустриските верзии преполни со шеќер и преливи, вистинскиот замрзнат јогурт е едноставно сладолед направен со јогурт наместо со млеко и павлака. Лесно се подготвува, а ако се остави да се стврдне во замрзнувач, може да се сервира исто како класичен сладолед.

Сорбе (Sorbet)

Текстура: Ледена и густа.

За разлика од сладоледот, чија текстура зависи од комбинацијата на шеќер, масти, протеини и воздух, кај сорбето сè зависи од количината и видот на шеќерот, како и од влакната и пектинот во овошјето. Всушност, тоа е изматен шеќерен сируп кој при замрзнување создава мрежа од ситни ледени кристали.

Италијански мраз (Italian Ice)

Текстура: Лесна и ледена.

Овој десерт е сличен на сорбе, но содржи помалку шеќер, па затоа е полесен и поосвежителен. Се служи мек за лесно вадење или целосно замрзнат во чашки. Верзиите со млечни производи се нарекуваат „cream ice“.

Шербет (Sherbet)

Текстура: Мазна, полесна од сладолед, а побогата од сорбе.

Шербетот содржи мал процент млечни состојки. Најчесто комбинира млечни производи со овошен сок, овошје, чај или газирани пијалаци. Освежителен е како сорбе, но со поблага кремаста нота.

Мек сладолед (Soft Serve)

Текстура: Лесна и мазна.

Мекиот сладолед се појавува во средината на 20 век. Содржи помалку млечни масти и постојано се одржува ладен, а непосредно пред сервирањето се збогатува со воздух. Така ја добива препознатливата спирална форма и лесната текстура, иако најдобрите верзии остануваат доволно густи и се топат побавно.

Ледено млеко (Ice Milk)

Текстура: Малку ронлива.

Некогаш многу популарен, денес речиси заборавен десерт. Содржи помалку од 10% млечни масти и е поевтина варијанта на сладолед. Не е многу кремлив, но има специфична млечно-ледена текстура што многумина ја паметат со носталгија.

Семифредо (Semifreddo)

Текстура: Богата и воздушеста.

Семифредо е замрзнат десерт што се сече на парчиња. Претставува комбинација од сладолед и мус, збогатен со крем, чоколадо, овошје или јаткасти плодови, а воздушестата текстура ја добива благодарение на изматени белки.

Кулфи (Kulfi)

Текстура: Густа.

Во Индија кулфи е најпопуларниот сладолед. Наместо да се мати, млекото со часови се вари со шеќер, зачини и јаткасти плодови додека стане густо и ароматично, а потоа се замрзнува во калапи. Најпознати вкусови се ф’стаци, ружина вода, манго и шафран.

Дондурма (Dondurma)

Текстура: Растеглива.

Турската дондурма е еден од најнеобичните сладоледи во светот. Се развлекува како растопена моцарела и е жилав како карамела. Тајната е во салепот – прав добиен од ретка дива орхидеја, кој му ја дава препознатливата еластичност.

Сладолед со течен азот (Liquid Nitrogen Ice Cream)

Текстура: Мека и свиленкаста.

Овој современ начин на подготовка подразбира додавање течен азот додека смесата се мати. Благодарение на екстремно брзото замрзнување се создаваат многу ситни ледени кристали, па сладоледот станува исклучително мазен и кремаст.

Ај Тим Пад (I Tim Pad)

Текстура: Мазна и лесна.

Овој тајландски уличен специјалитет се подготвува на замрзната метална плоча. Течната смеса за неколку минути се претвора во тенок слој сладолед, се додаваат омилените состојки, а потоа со метална шпатула се витка во мали ролнички кои се редат во чаша и се декорираат со шлаг, чоколаден прелив и други додатоци.

ФОТО: Јутјуб, Unsplash