Во баровите ширум светот ова лето се случува интересна промена: гостите сè почесто избираат полесни коктели што можат да се пијат подолго, наместо пијалаци со висок процент алкохол. Spritz, vermouth, amaro и други аперитиви повторно се меѓу најбараните состојки. Особено популарни се свежите комбинации со цитрус, нане, бозел и пенливо вино. Трендот е забележлив и кај помладите гости, кои сè повеќе бараат баланс меѓу дружењето и умереното консумирање.
Еден од најинтересните примери е Hugo Spritz. Во Велика Британија неговата продажба во баровите пораснала за дури 196 проценти во вториот квартал од 2026 година во споредба со истиот период лани. Aperol Spritz, за споредба, забележал раст од 13 проценти. Hugo се подготвува со ликер од бозел, просеко, сода и нане, што го прави лесен и особено погоден за топлите денови.
Но, spritz веќе не значи само Aperol. На менијата се појавуваат варијанти со лимончело, амарето, кумкват, Italicus, различни горчливи аперитиви и дури комбинации со пиво. Британскиот Guardian неодамна забележа дека spritz-културата се шири и кон shandy, едноставна мешавина од пиво и безалкохолен пијалак. Продажбата на shandy во Велика Британија, според податоците што ги пренесува весникот, пораснала за 40 проценти.
Уште една промена е појавата на low-ABV коктели, односно пијалаци со пониска содржина на алкохол. Баровите сè почесто нудат верзии со вермут, шери, шочу и билни ликери, а некои менија почнаа да ја наведуваат и јачината на секој коктел. Тоа им овозможува на гостите полесно да изберат што сакаат да пијат и колку алкохол сакаат да внесат.
Истовремено, расте и понудата на zero-proof коктели. Наместо обичен сок во убава чаша, баровите се обидуваат безалкохолните пијалаци да ги третираат како вистински коктели – со квалитетни состојки, сложени вкусови, ферментирани елементи и внимателна презентација. Во 2026 година „без алкохол“ сè помалку се доживува како казна за гостите кои не пијат, а сè повеќе како посебна категорија.
Затоа, ако летово нарачате нешто што изгледа лесно, пенливо и шарено, можеби токму тоа е најсовремениот избор на шанкот. Новиот тренд не е во тоа кој пијалак има најмногу алкохол, туку кој остава најдобар впечаток. А spritz, очигледно, сè уште не го кажал последниот збор.
pexels – kokteli vo limenka