
Да бидеме реални — ретко кој има простор, количество или буџет за вистинска винска визба. Но тоа не значи дека не треба да се грижите за вашите шишиња вино.
Ако вашиот „систем за складирање вино“ подразбира кујнска површина изложена на сончеви зраци, врвот од фрижидерот, онаа полица што постојано си ветувате дека ќе ја средите или кое било друго случајно место дома — овој текст е за вас. На крајот од денот, повеќето од нас немаат на располагање огромна визба во некој замок.
Но еве добра вест: не ви треба пештера, сомелиерски сертификат или специјален систем за контрола на температура за да го одржите виното во добра состојба. Само следете три едноставни правила: без топлина, без светлина и без движење.
Топлината му е најголемиот непријател на виното. Кога шишињата се загреваат — особено ако тоа се случува постојано — виното старее пребрзо, го губи вкусот или добива „зготвени“ ароми што потсетуваат на варено овошје.
Најважното нешто не е да ја погодите „идеалната“ температура како во визба, туку да избегнете нагли промени. Плакар со релативно стабилна температура е подобар избор од гаража што е ледена во јануари, а како сауна во јули. Идеална е стабилната „ладна собна температура“, некаде помеѓу 13 и 18°C.
Ако купувате вино за да го испиете во наредните неколку недели, обичниот простор во домот е сосема во ред. Но ако планирате да го чувате со месеци (или години), стабилноста станува многу поважна. Одбегнувајте места покрај рерна, машина за садови, радијатори, грејни тела или ѕидови што се загреваат од сонце. А врвот од фрижидерот? Тоа е како мала трамболина над жежок мотор. Подетално подолу, но накратко — не правете го тоа.
Веднаш по топлината, вториот најголем непријател е светлината. УВ-зраците можат да предизвикаат предвремено стареење и непријатни ароми, често опишани како „оштетени од светлина“. Дури и обична силна светлина може да влијае негативно со текот на времето.
Затоа, визбите ретко се „сончеви“ или „светли“ — најчесто се токму спротивното. Многу вина, особено оние наменети за подолго чување, се содржат во темни шишиња. Белите, пенливите и розе вината се најранливи бидејќи често се во проѕирно стакло, но ни црвените не се имуни.
Наједноставното решение дома е и најдобро: чувајте ги шишињата на темно место. Плакар, шкаф, кутија со капак — сè функционира. Ако сакате да ви се гледа „колекцијата“, држете ја подалеку од прозорци и силно осветлување. За изложување оставете ги шишињата што планирате наскоро да ги отворите.
Постојаните вибрации ја нарушуваат бавната, тивка „хемија“ што го прави виното подобро со текот на време, а кај постарите црвени вина го спречуваат талогот да се смири.
Повременото движење — носење дома или поместување за чистење — е во ред. Но складирањето на апарат што работи, до звучник што постојано вибрира или на место каде што шишињата секојдневно се удираат? Не е баш добра идеја.
Затоа, врвот од фрижидерот е вистинска катастрофа. Помеѓу топлината и вибрациите, тоа е најлошиот можен „третман“ за вашето вино. Ако немате многу простор, изберете ниска и стабилна полица во плакар или шпајз — место каде што шишињата ќе бидат „заборавени“ (во позитивна смисла).
Кое е најздодевното, највнатрешното и најмалку осветленото место во домот? Тоа е вашата најдобра „визба“.
Полица во внатрешен плакар (во ходник или спална) е идеална — темно е и температурата е релативно стабилна. Долна полица во шпајз исто така може да биде одлична, се’ додека не е до рерна или извор на топлина.
Ако имате многу мал простор, размислувајте практично: под кревет во затворена кутија или куфер е изненадувачки добро решение. Долниот дел од гардеробер или ТВ-комода исто така може да биде добар, ако е подалеку од прозорци и топли уреди.
Ако сакате да ви е при рака, а сепак скриено, кутија со капак во плакар, мала полица, дури и организатор за чевли можат да завршат работа.
Ако домот ви е потопол или имате поголема колекција, мал вински фрижидер е наједноставната надградба. Не станува збор за луксуз, туку за стабилно и мирно место каде виното ќе „созрее“ додека дојде моментот да го отворите.
На виното не му треба совршенство. Му треба внимание. Дајте му ладно, темно и мирно место — и секогаш ќе имате добро друштво во чашата.
Дознајте ги први сите новитети, ексклузивни понуди и настани!