Пребарување
Wine & Spirit 21.09.2026

Коктелите без алкохол повеќе не се само „резервна опција“: Баровите во 2026 година одат чекор понатаму

Dimitar Babalkov

Безалкохолните коктели веќе не се само едноставна комбинација од сок и газирана вода ставена на крајот од менито. Во баровите и рестораните низ светот се развива сосема поинаков пристап – пијалаците без алкохол се подготвуваат со истото внимание како и класичните коктели.

James Beard Foundation ги издвојува zero-proof и low-ABV пијалаците меѓу важните трендови за 2026 година. Сè повеќе гости го намалуваат внесувањето алкохол, но тоа не значи дека сакаат да се откажат од целото искуство кое го нуди еден добар бар.

Затоа бармените експериментираат со состојки кои можат да дадат горчливост, киселост, соленост, арома и текстура. На менито се појавуваат чаеви, ферментирани состојки, мисо, нори, зачини, овошни ферменти и различни сирупи.

Посебно интересен е начинот на кој ферментацијата влегува во коктел-културата. Состојки како комбуха, тепаче и ферментирано овошје можат да дадат посложен вкус, без потреба пијалакот да содржи алкохол.

И хотелите го следат овој тренд. LODGING Magazine неодамна пишува дека zero-proof пијалаците стануваат редовен дел од хотелските менија, а во некои објекти се бара да има најмалку неколку вакви опции.

Сепак, експертите предупредуваат дека безалкохолниот пијалак не треба само да биде поскап сок. И тој треба внимателно да се осмисли, да има свој карактер и персоналот да знае што точно му нуди на гостинот.

Очигледно, времето кога гостите без алкохол имаа само две или три опции полека останува зад нас. Новата генерација коктели сака да покаже дека добар пијалак не мора задолжително да содржи алкохол.

pexels – leto kokteli bazen