Роден од пркосот на прохибицијата, мартини засекогаш го промени начинот на кој го доживуваме коктелот, а повеќе од еден век е симбол на безгрешна елеганција.
Денес, во време кога миксологијата бара сè посложени рецепти, мартини останува вечен симбол на едноставност и стил. Неговата историја е приказна за Америка од крајот на 19 век, за пркосот на прохибицијата, за холивудскиот гламур и за баровите во кои се прекршувале вкусовите на епохите.
Можеби никогаш нема да се согласиме дали е роден во Мартинез во Калифорнија, каде што наводно првпат го измешал бармен во чест на копачот на злато, кој во градот пристигнал со куп грутки, или името го добил благодарение на вермутот Martini & Rossi, чии шишиња тогаш биле најпопуларни на американскиот пазар, но сигурно е дека мартини засекогаш го промени начинот на кој го доживуваме коктелот – не само како пијалак, туку како дел од културната историја.
МИТОВИ И ТРАНСФОРМАЦИИ
Денес го гледаме како симбол на софистицираност и беспрекорна елеганција, но неговиот пат од крајот на 19 век до современите барови бил испреплетен со различни верзии, митови и трансформации.
Популарноста на класичната формула џин и вермут со маслинка или лимонова кора нагло растела. За време на прохибицијата, мартини, парадоксално, доживеал своеобразен подем. Тоа бил период кога алкохолот се пиел тајно, а самото барање мартини одразувало пркос и отменост. Овој коктел не се доживувал само како пијалак, туку како став.
По укинувањето на забраната, мартини продолжил да го гради својот имиџ во холивудските филмови и романи. Во втората половина на 20 век станал неизбежен реквизит на поп-културата — од Франк и Rat Pack генерацијата, па сè до агентот 007, кој со својата позната нарачка „shaken, not stirred“ направи коктелот да стане филмска легенда, иако нагласувајќи дека сака верзија со вотка.
СУВО И ВЛАЖНО
Сепак, мартини никогаш не бил статичен. Неговата природа е таква што остава простор за игра меѓу џинот и вермутот. Во класичните книги, како славната Savoy Cocktail, јасно се разликуваат француски (сув) и италијански (сладок) вермут.
Токму таа флексибилност му овозможила на мартини да ги преживее сите модни трендови и да се приспособува на различни вкусови. Така настанала и поделбата на сув и „мокар“ мартини, но не според стилот на вермутот, туку според неговата количина. Колку помалку вермут има во чашата, толку коктелот е посув, а класичниот однос четири дела џин на еден дел вермут им овозможил на бармените бесконечно да си играат со пропорциите.
МОЌТА НА ДВЕ СОСТОЈКИ
Што се однесува до чашата, мит е дека е создадена по пример на градите на Марија Антоанета, бидејќи објаснувањето лежи во нејзината практична природа. Широкиот отвор овозможува пијалакот да се држи подалеку од топлината на рацете и да остане ладен што е можно подолго, додека елегантната линија придонесува за естетиката.
Моќта на мартини лежи во едноставноста што му ја даваат двете состојки, и како таков тој е како празно платно на кое слика оној што го приготвува и го пие. Како и да го приготвите, кога ќе ја подигнете чашата мартини, не наздравувате само за пијалакот, туку за целата традиција што трае повеќе од еден век.
Тајната што никогаш нема да биде целосно откриена е потеклото на името на коктелот. Додека едни тврдат дека е роден во гратчето Мартинез, други дека е именуван по вермутот Martini & Rossi.
ФОТО: Freepik
ВАРИЈАЦИИ И СПОЈ СО ХРАНА
DRY MARTINI
Класичен однос, 6 мери џин, 1 мера сув вермут.
СПОЈ: Остриги на мраз со лимон; карпачо од бранцин или лосос; сашими од туна.
Сувото мартини ги нагласува минералноста и соленоста на храната, а чистите морски ноти одлично одговараат на неговата остра, билна основа.
CHURCHILL / DESSERT MARTINI
Без вермут, практично чист џин со мраз и лимонова кора или маслинка, како што го пиел британскиот премиер Винстон Черчил.
СПОЈ: стек тартар со црн пипер; чадена скуша или харинга со тост; сирења стилтон или горгонзола.
Екстремно сув пијалак – идеален за интензивни, масни вкусови и текстури.
BONE DRY
Само трага од вермут, чашата се плакне со вермут кој потоа се истура.
СПОЈ: тартар од говедско или туна; фоа гра со бриош; печени бадеми или грисини со песто.
WET MARTINI
Варијанта со повеќе вермут, обично 3 мери џин и 1 мера вермут, а во extra wet односот е 1:1.
СПОЈ: рижото со морски плодови; печено пилешко со билки; тестенини со лимон и капари.
DIRTY MARTINI
Со додаток на саламура од маслинки, омилен пијалак на американскиот претседател Френклин Рузвелт.
СПОЈ: тапас со маслинки, патлиџан и сушен домат; бургер од туна со аиоли; паштета од бакалар.
GIBSON MARTINI
Варијација со кисел кромид наместо маслинка.
СПОЈ: тестенини со сувомеснати производи; француска супа од кромид; мини киш со сирење и праз.
PERFECT MARTINI
60 мл џин, плус еднаков однос сладок и сув вермут (по 10 мл).
СПОЈ: паткини гради во сос од портокал или вишни; чаден лосос со сладок сенф; печен батат со фета.
VESPER MARTINI
Прославен од Џејмс Бонд во „Казино Ројал“, со три мерки џин Gordon’s, една вотка и половина Kina Lillet.
СПОЈ: татаки од туна; шкампи со лимета и ѓумбир; азиски фузија- јадења.
BURNT MARTINI
Со додаток на прстофат виски, најчесто шкотски со димени ноти.
СПОЈ: чаден лосос, јагула или пастрмка; јагнешко со рузмарин; козјо сирење со мед и ореви.
AGED MARTINI
Се прави со џин одлежан во буре или коктел што одлежува во буре или шише.
СПОЈ: Пата негра пршута, суви смокви и ореви; печена гуска; чоколаден десерт со зрна кафе.
Потрошувачите сè повеќе бараат пијалаци што нудат вкус и искуство без алкохол. Производителите инвестираат во premium рецептури и иновативни состојки. Zero-proof револуцијата веќе создава милијарди евра промет ширум светот.
Современите винарии повеќе не се само места за производство на вино, туку lifestyle дестинации што комбинираат гастрономија, природа и туризам. Wine tourism станува еден од најбрзо растечките трендови во светската travel индустрија. Туристите денес бараат искуство, атмосфера и приказна зад секоја чаша вино.
Современите вински трендови покажуваат дека дегустацијата повеќе не е доволна. Винариите инвестираат во сместување, wellness, гастрономија и ексклузивни настани за да создадат целосно искуство. Виното денес е дел од туристичка и lifestyle понуда.
Од античките цивилизации до модерните wine барови, виното останува еден од најценетите пијалаци во светот. Неговата историја е полна со митови, традиции и навики што се пренесуваат со векови.
Пријавете се на нашиот newsletter
Дознајте ги први сите новитети, ексклузивни понуди и настани!
Оваа страница користи колачиња (cookies). Со продолжување со користење на страницата се согласувате со нашата употреба на колачиња.