Пребарување
Ресторан 04.09.2026

Кога и менито почнува да изгледа како ВИ…

Marija Lukarevska

Совршени фотографии, чудни имиња на јадења и менија што звучат како да ги напишал робот. Дали во обидот рестораните да изгледаат помодерно, полесно и попривлечно на Интернет, полека се губи најважната состојка – автентичноста?

Пред да пробаме некое јадење, најчесто прво го гледаме. Фотографијата на социјалните мрежи, менито на веб-страницата, описот на јадењето… сето тоа е дел од првиот впечаток. Понекогаш доволна е една добра фотографија од кремлива паста, крцкава пица или совршено сочен стек за веднаш да ни се разбуди апетитот.

Но што се случува кога фотографијата е толку совршена што изгледа – нереално?

Ова е сè почеста појава во ресторанскиот свет. Вештачката интелигенција веќе не се користи само за административни задачи, резервации, анализа на продажбата или оптимизација на менијата. Таа сè почесто се користи и за она што гостите го гледаат: фотографии од храната, ресторански ентериери, менија, па дури и описи на јадењата.

И тука започнува проблемот.

Кога пастата не е паста

Можеби сте налетале на ваква фотографија: јадењето изгледа беспрекорно, секоја состојка е на точното место, сосот има совршена текстура, зеленчукот е со неверојатно живи бои, а целата сцена е осветлена како за насловна страница.

Само што… нешто не е во ред.

Сирењето не се топи како што би требало. Школките изгледаат како од пластика. Сладоледот е совршено симетричен. Чинијата изгледа прекрасно, но некако повеќе личи на дигитална илустрација отколку на нешто што навистина може да ви биде сервирано.

А потоа следи описот и тука работите стануваат уште почудни.

Наместо едноставно и разбирливо име на јадењето, добивате комбинација од зборови со погрешно напишани букви, чудни комбинации и реченици кои звучат како некој да се обидел да го опише јадењето – но никогаш не го видел.

Ова е еден од најлесно препознатливите проблеми со таканаречениот „AI slop“ – содржина генерирана со вештачка интелигенција која на прв поглед изгледа привлечно, но ако обрнете поголемо внимание станува чудна, неточна или едноставно безлична.

Јадењето не е само фотографија

Секако, не е проблемот во самата технологија. ВИ може да биде исклучително корисна за рестораните. Може да анализира кои јадења најмногу се продаваат, да помогне при креирање мени, да предвидува побарувачка, да го намали отпадот од храна, да помогне со резервации и административни задачи.

Всушност, токму ваквата употреба може да им овозможи на рестораните да бидат поефикасни и да им остави повеќе време на вработените за она што не може да го направи ниту еден алгоритам – да бидат домаќини.

Проблемот настанува кога ВИ наместо да работи во заднина, почнува да го заменува човечкиот допир што гостите го гледаат и чувствуваат.

Затоа што храната не е само производ. Таа е приказна, мирис, текстура, сеќавање, традиција. Зад едно јадење стои човек кој го сечел кромидот, го месел тестото, го пробал сосот, додал уште малку сол и решил дека сега е готово. Токму тие мали несовршености често го прават јадењето привлечно.

Совршенството може да биде сомнително

Интересно е што токму во време кога Интернетот е преполн со филтрирани фотографии, дигитално изменети лица и совршено уредени ентериери, кога станува збор за храната, копнееме по спротивното. По нешто вистинско.

Фотографија на пица која не е совршено кружна. Парче торта со малку нерамномерна глазура. Сос кој се разлеал преку работ на чинијата. Паста која изгледа како штотуку да била измешана во кујната, а не како да стоела пред фотографот половина час. Дури и рачно напишаното дневно мени може да е попривлечно од графички совршена, но очигледно вештачка фотографија.

Зошто? Затоа што ни кажува: ова навистина постои.

Не ни треба совршена храна. Ни треба искрена храна.

За рестораните, причината да посегнат по ВИ е лесно разбирлива. Професионалното фотографирање, дизајнот, пишувањето и одржувањето на дигиталното присуство чинат време и пари. А за малите ресторани, секој трошок е важен. Вештачката интелигенција нуди брзо и евтино решение.

Но постои еден детаљ кој лесно се заборава: гостите не купуваат фотографија. Купуваат доверба. Ако на Интернет гледаме едно јадење, а во ресторанот ни пристигне нешто сосема различно, разочарувањето не е само визуелно. Имаме чувство дека сме биле измамени.

Истото важи и за менито. Ако описот е полн со чудни зборови и очигледни грешки, наместо професионализам, остава впечаток дека никој не се потрудил да го провери.

Ако алгоритамот не знае како се пишува името на јадењето, зошто би му верувале дека правилно ја прикажува храната?

Човечкиот допир станува луксуз

Можеби токму тука лежи еден од најинтересните парадокси на ерата на ВИ.

Колку поприсутна станува технологијата во секојдневието, толку повредно станува она што е очигледно човечко.

Во ресторан тоа може да биде келнерот кој навистина ви објаснува кое јадење му е омилено. Готвачот кој ќе излезе од кујната. Рачно напишаната специјална понуда. Фотографијата направена со телефон, на која храната можеби не изгледа совршено – но изгледа вкусно.

Не мора сè да биде блескаво. Не мора секоја чинија да изгледа како да е создадена за каталог. Понекогаш токму нередот, сенките, пареата, растопениот путер и несовршено распоредениот босилек се доказ дека пред нас има вистинска храна.

И можеби тоа е најважната лекција што рестораните можат да ја научат во ерата на вештачката интелигенција: не мора да се натпреварувате со машините во совршенство. Вашата најголема предност е токму тоа што сте луѓе.

Затоа што кога станува збор за храната, можеби навистина јадеме прво со очите. Но, на крајот, најмногу сакаме да почувствуваме дека зад чинијата стои човек.