ТикТок повторно најде начин една од најобичните секојдневни одлуки да ја претвори во тренд. Овој пат во прашање е ручекот, а правилото е неверојатно едноставно: во пребарувачот на апликацијата пишувате „Lunch in my city“, а потоа одите во ресторанот што ќе се појави во првото видео од резултатите.
Нема веќе долго пребарување, споредување менија или читање десетици коментари. Само – првиот резултат и едно мало гастрономско изненадување.
Трендот се темели токму на елементот на случајност. Наместо корисникот самиот да одлучи каде ќе јаде, изборот му го препушта на алгоритамот. А потоа, нормално, следува и вториот дел: посетата на ресторанот, нарачката и снимањето на искуството за ТикТок. Така едно видео станува причина за следното, а ресторанот добива нова публика.
Од пребарување до маса
Она што го прави трендот интересен е тоа што ТикТок го претвори во алатка со која носиме одлуки во реалниот живот.
Социјалните мрежи одамна влијаат врз тоа што јадеме, каде патуваме и што купуваме, но „Lunch in My City“ го носи тоа влијание чекор понатаму. Наместо некој инфлуенсер директно да ви каже „одете во овој ресторан“, идејата е самата платформа да го избере местото.
На тој начин и обичното прашање „Каде да ручаме?“ станува мала игра: што ќе ни се појави прво и дали навистина ќе вреди?
Алгоритамот како гастрономски водич
Популарноста на ваквиот тренд не е случајна. Истражување на маркетинг-агенцијата MGH покажало дека 58 отсто од корисниците на ТикТок посетиле ресторан откако го виделе на платформата, што е повеќе во однос на истражување од 2022 година. Половина од испитаниците изјавиле и дека ТикТок има значително влијание врз нивните одлуки поврзани со изборот на ресторан.
Тоа објаснува зошто рестораните денес не се натпреваруваат само со вкусот, локацијата или цените. Сè поголемо значење има и тоа како изгледаат на екранот – дали храната е визуелно привлечна, дали ентериерот е интересен за снимање и дали некој ќе посака да го сподели своето искуство.
Токму затоа ТикТок постепено се претвора во своевиден дигитален гастрономски водич, особено за помалите ресторани и места кои можеби не би се појавиле на класичните листи со препораки.
А што ако алгоритамот згреши?
Секако, тука следи и најинтересниот дел. Алгоритамот не знае секогаш што навистина сакате да јадете.
Резултатите можат да варираат од корисник до корисник, а зависат и од содржината што ТикТок ја поврзува со вашата локација и интереси. Понекогаш првиот резултат може да биде одлично локално откритие, но може да се случи и да ве однесе во ресторан кој веќе не работи, да предложи место кое веќе сте го посетиле или едноставно да не биде по ваш вкус. Токму ваквите непредвидливи резултати се дел од забавата на трендот.
И токму затоа „Lunch in My City“ повеќе личи на гастрономски предизвик отколку на класична препорака. Не се очекува алгоритамот да биде совршен. Поентата е да се препуштите на изборот и да видите каде ќе ве однесе.
Нов начин да ги откриете локалните места
Трендот има најголем потенцијал за оние кои се во нов град. Кога сте на патување, често сакате да пробате нешто локално, но немате време да поминете часови во пребарување. Во таков случај, едно пребарување на ТикТок може да биде забавен начин да откриете ресторан за кој можеби воопшто не сте слушнале.
Сепак, како и со секоја препорака од социјалните мрежи, видеото не треба да биде единствениот критериум. Вреди да се проверат и работното време, цените, менито и свежите рецензии пред да тргнете.
Но можеби токму тука лежи шармот на трендот: во време кога имаме премногу избор, ТикТок предлага нешто сосема спротивно – едноставно престанете да се мислите и оставете некој друг да избере.
Ако изборот е добар, сте откриле нов омилен ресторан. Ако не е – барем сте добиле добра содржина за ТикТок.
ФОТО: Magnific, ТикТок