Многумина сметаат дека за црниот дроб најштетни се засладените газирани пијалаци, додека други главно ги обвинуваат пивото и виното. Но, нутриционистот Крис Дијаз, цитиран од шпанскиот медиум „АС“, предупредува и на жестоките алкохолни пијалаци. Кога алкохолот ќе влезе во организмот, црниот дроб го разградува за да може телото да го обработи и елиминира. Меѓутоа, честото пиење или внесувањето големи количества може со текот на времето да предизвика сериозни последици. Во процесот на разградување се создава ацеталдехид – токсична супстанција што може да ги оштети клетките на црниот дроб и да поттикне воспалителни процеси.
Според Дијаз, ризикот постои и кога алкохолот се консумира секојдневно во навидум мали количества. Два алкохолни пијалака дневно можат да го зголемат ризикот од оштетување, зависно од нивната големина и концентрацијата на алкохол. Ниту пиењето само за време на викендите не е гаранција за заштита, особено ако тогаш се внесуваат големи количества.
Жестоките пијалаци заслужуваат посебно внимание бидејќи содржат висок процент алкохол, па полесно може да се внесе голема количина чист алкохол за кратко време. Сепак, не е важен само видот на пијалакот: клучни се вкупното количество алкохол и зачестеноста на консумирањето.
За да се намали ризикот, најважно е да се ограничи внесувањето алкохол и да се избегнува прекумерното пиење во краток период. Дијаз советува да се практикуваат денови без алкохол и да се пие вода меѓу алкохолните пијалаци. Сепак, водата не го забрзува разградувањето на алкохолот и не ги поништува неговите штетни ефекти.
Важно е да се знае и дека не постои вид алкохолен пијалак што е целосно безопасен за црниот дроб. Колку помалку алкохол се консумира, толку помала е изложеноста на ризикот од неговите штетни последици.
pexels