Пребарување
Тренд 16.11.2026

На ТикТок се појави нов гастрономски тренд: Забави на кои се разменуваат домашни супи!

Marija Lukarevska

Идејата е едноставна, но прилично примамлива: секој гостин носи различна супа, сите заедно дегустираат, а на крајот си заминуваат со неколку порции од омилените рецепти за да ги чуваат во замрзнувач.

Кога станува збор за гастрономските трендови на ТикТок, најчесто се мисли на нови рецепти, необични комбинации на вкусови или идеи за брзи оброци што лесно можеме да ги подготвиме дома. Но понекогаш социјалните мрежи ни нудат и интересни идеи за дружење, а една од нив во моментов привлекува особено внимание. Станува збор за таканаречените soup swaps – забави на кои главната улога им припаѓа на домашно приготвените супи.

Ако досега сте слушнале за размена на домашно подготвени колачиња, концептот ќе ви биде познат. Наместо секој гостин да донесе различен вид колачиња, овој пат секој приготвува по една супа, која ја носи на заедничкото дружење. Така, на едно место се собираат повеќе различни рецепти, кои сите присутни имаат можност да ги пробаат. А најдобриот дел? На крајот, секој добива можност да си понесе дома неколку порции од супите што најмногу му се допаднале.

Оваа идеја е особено привлечна во постудените месеци, кога топлата чинија супа е едно од најпријатните нешта што можеме да си ги посакаме. Освен што е поинаков начин на организирање домашна забава, ваквото дружење е и практична можност да си обезбедите разновидни готови оброци за деновите кога немате време или желба да готвите.

Како да организирате забава за размена на супи?

Иако идејата звучи едноставно, за ваквото дружење да помине без проблеми, потребно е однапред да се испланираат неколку детали.

Погрижете се супите да останат топли

Ова е веројатно најважното правило. Бидејќи гостите ќе дегустираат различни супи во текот на целата вечер, важно е тие да ја задржат температурата и да не се оладат по првото послужување. Едно од решенијата е секој гостин да ја донесе својата супа во електричен сад за бавно готвење (slow cooker), кој може да ја одржува топла подолг период. Друга можност е домаќинот да обезбеди посебни грејни плочи на кои ќе бидат поставени садовите со супа. Во тој случај, гостите треба да донесат и сопствени тенџериња.

Обележете ја секоја супа

Кога на масата ќе се најдат неколку различни супи, важно е секој да знае што дегустира. Затоа, покрај секој сад поставете картичка со името на супата. Може да користите и поголема хартија на која ќе ги испишете имињата на рецептите пред секој сад. Ова не само што ќе им помогне на гостите полесно да се снајдат, туку и ќе го олесни расчистувањето по завршувањето на забавата.

Направете список кој што ќе подготвува

За да избегнете ситуација во која сите гости ќе донесат иста супа, добро е однапред да направите список со пријави. Така, секој ќе знае кои рецепти се веќе резервирани и ќе може да избере нешто поразлично. Идејата е на масата да има што поголема разновидност – од крем-супи и класични зеленчукови супи до погусти чорби и јадења со месо.

Не заборавајте ги додатоците

Добрата супа заслужува и соодветна придружба. Затоа, обезбедете доволно леб за послужување, а масата дополнете ја со различни додатоци како крутони, рендано сирење, ситно сечкан млад кромид или крекери. Секој ќе може да ја приспособи својата порција според вкусот, а токму овие мали детали ќе го направат целото искуство уште поинтересно.

Организирајте го послужувањето

За дегустацијата да биде едноставна и практична, секој гостин треба да има чинија или сад за супа. Може да користите класични чинии, кои гостите ќе ги исплакнуваат меѓу дегустациите, или картонски чаши наменети за топли супи, какви што обично се користат за храна за носење. Интересна идеја што ја применуваат некои од организаторите на вакви забави е употребата на калапи за мафини. Во секое одделение се става различна супа, па гостите можат одеднаш да пробаат неколку мали порции и полесно да ги споредат вкусовите.

Најубавиот дел – секој си заминува со супи за дома

Она што ја прави оваа идеја особено практична е можноста гостите да си понесат дел од приготвените супи. Слично како кај размената на колачиња, каде што секој си заминува со кутија полна со различни слатки, и овде секој може да си избере неколку омилени рецепти и да ги понесе дома. Затоа, однапред договорете се сите да донесат садови за чување храна, пластични кутии или специјални калапи за замрзнување супи. Доколку сте домаќин, можете и самите да обезбедите мали садови за еднократна употреба во кои гостите ќе можат да ги распределат порциите.

На овој начин, забавата не завршува со последната дегустација. Напротив, секој си заминува со неколку различни домашни оброци што може да ги замрзне и да ги искористи во текот на зимата.

Кои супи да се најдат на менито?

Можностите се речиси неограничени, а најдобро е секој да избере рецепт што добро го подготвува и што може да се чува и повторно да се загрее. Одличен избор се густи супи со компири и зеленчук, крем-супа од тиква, класична доматна супа, чорба со грав, пилешка супа, но и побогати варијанти како густа супа со морски плодови (chowder) или чили-чорба.

Иако трендот повторно стана популарен благодарение на ТикТок, идејата за забави посветени на супи не е нова. Сепак, социјалните мрежи ѝ дадоа нова популарност и инспирираа сè повеќе луѓе да ја заменат вообичаената трпеза со празнични јадења со нешто поинакво.

Ако веќе ви здодеаја вообичаените домашни собири и менијата што се повторуваат од година во година, можеби е време да организирате една ваква топла, вкусна и практична забава. А бонусот е што следните неколку ручеци или вечери ќе ви бидат веќе решени.

ФОТО: Magnific