Оваа пролетно-летна варијанта на популарниот италијански десерт е идеална за семејни дружби, гости или моменти кога ви се јаде нешто благо, а едноставно за приготовка. Комбинацијата од сочни јагоди, нежен крем и меки пишкоти создава совршено избалансиран вкус — доволно богат за да ве воодушеви, но без чувство на тежина по јадењето.
Токму затоа овој десерт исчезнува од масата речиси веднаш штом ќе се послужи.
- 500 г свежи јагоди
- 210 г пишкоти
- 200 г џем од јагоди
- 250 г крем-сирење
- 500 мл слатка павлака
- 1 лажичка екстракт од ванила
- шеќер во прав по желба
Приготвување:
Јагодите добро измијте ги, исчистете ги и исечкајте ги на помали парчиња.
Доколку џемот е премногу густ, разредете го со малку вода за полесно да се нанесува врз пишкотите.
Слатката павлака изматете ја заедно со ванилата, а по желба додајте и малку шеќер во прав. Кога ќе добиете цврст и воздушест крем, дел од него измешајте со крем-сирењето, а потоа внимателно додавајте го остатокот за смесата да остане лесна и пенеста.
За поинтензивен овошен вкус, дел од јагодите можете малку да ги изгмечите или кратко да ги изблендирате и да ги додадете меѓу слоевите.
Пишкотите премачкајте ги со џем и наредете ги во сад. Одозгора нанесете слој фил, па додајте јагоди. Повторувајте ја постапката додека ги потрошите состојките, и завршете со богат слој свежи јагоди на врвот.
Десертот оставете го во фрижидер неколку часа, а најдобро преку ноќ, за пишкотите убаво да омекнат и сите вкусови совршено да се соединат.
Резултатот е неодоливо кремаст, свеж и миризлив десерт што изгледа како да е приготвен во слаткарница, а всушност се прави без голем труд.
Фото: Freepik