За некого е омилен десерт по ручекот, за друг е вкус на детството, а за Италијанците – вистинско прашање на национална гордост. Тирамисуто одамна ги надмина границите на својата татковина, но во Тревизо, малиот град во североисточна Италија, неговата подготовка се сфаќа особено сериозно. Токму таму, од каде што и потекнува овој култен десерт, секоја година се одржува натпревар на кој љубителите на слатките задоволства ги одмеруваат своите кулинарски вештини.
Идејата за Tiramisù World Cup ја добил Франческо Реди, по потекло од Тревизо, кој во 2017 година одлучил да ги стави на тест сите оние што тврдат дека го подготвуваат најдоброто и најавтентичното тирамису на светот. Она што започнало како локален настан, со текот на годините прераснало во меѓународно натпреварување посветено на еден од најпрепознатливите италијански десерти.
Десеттото издание се одржа од 9 до 11 октомври 2026 година, во центарот на Тревизо, со учество на 320 натпреварувачи од 33 земји. Градските плоштади и улици се претвориле во голема слаткарска сцена, а главниот настан се одвивал на плоштадот Борса, каде што натпреварувачите ги приготвувале своите креации пред љубопитната публика.
Шест состојки за класиката, неограничена фантазија за креативците
Натпреварувањето е поделено во две категории: оригинален рецепт и креативен рецепт. Првата е вистински тест за познавањето на традицијата, бидејќи учесниците мора да се придржуваат до класичната формула со само шест состојки: маскарпоне, јајца, шеќер, кафе, бисквити и какао. Нема простор за импровизации – тука пресудни се техниката, пропорциите и совршениот баланс на вкусовите.
Во креативната категорија, пак, границите се значително пошироки. Натпреварувачите можат да експериментираат со состојките и да понудат поинаква интерпретација на добро познатиот десерт. Сите креации се оценуваат според техниката на подготовката, изгледот, интензитетот на вкусот, рамнотежата на состојките и целокупниот впечаток.
Натпреварот се одвива низ неколку елиминациски круга, а само најдобрите стигнуваат до финалето. Интересно е што и судиите мора да поминат онлајн-тест со 15 прашања посветени на тирамисуто, пред да добијат можност да ги оценуваат натпреварувачите. Очигледно, кога станува збор за овој десерт, ниту една одлука не ѝ се препушта на случајноста.
Од леб со квасец до крем со лута пиперка
Покрај класичните рецепти, креативната категорија донела навистина необични комбинации. Меѓу учесниците била и Клаудија Пердикија, уметница од италијанскиот град Матера, која традиционалните бисквити савојарди ги заменила со кисел леб со природен квасец. На тоа додала крем од маскарпоне со вкус на peperone crusco – крцкава сушена пиперка карактеристична за регионот Базиликата во јужна Италија.
Бразилската натпреварувачка Јулијана Нардели, пак, инспирацијата ја пронашла во детските спомени и сезонските вкусови. Нејзиното тирамису содржело дополнителни слоеви солени семки од тиква и слатко од тиква, создавајќи поинаква комбинација на текстури и вкусови.
Но, натпреварот не донел само кулинарски изненадувања. Во текот на првата вечер, еден млад натпреварувач ја искористил сцената за да ја запроси својата девојка. Таа одговорила потврдно, а публиката ја поздравила нивната свршувачка со громогласен аплауз.
Двајца светски шампиони и нови слаткарски амбиции
По неколкудневно натпреварување, биле прогласени двајцата светски шампиони за 2026 година. Во категоријата за традиционален рецепт победил Маркос Муци, пчелар од Сао Паоло, Бразил, додека титулата во креативната категорија му припаднала на Чиро Томасини, болнички техничар од италијанскиот град Виченца.
Неговата победничка креација била тирамису во форма на пчеларник, со компот од малини, бело чоколадо и мед со лимон. Муци, пак, по победата открил дека веќе има планови следната година да отвори ресторан за тирамису во Сао Паоло, во кој ќе понуди и традиционални и рецепти приспособени на бразилскиот вкус.
За некои учесници, победата може да биде почеток на сосема нова кариера. Таков е примерот со Дилета Скандиуци, победничка од 2018 година, која по успехот на натпреварот започнала сопствен бизнис во Виченца, специјализиран за тирамису и кремови од маскарпоне во различни вкусови.
Сепак, за основачот Франческо Реди, целта на настанот не е само да се пронајде најдобриот рецепт на светот. Натпреварувањето е и начин да се зачува кулинарското наследство на Тревизо и да се потсети светот на местото од кое потекнува десертот што денес се служи на трпезите ширум планетата.
И можеби токму во тоа е тајната на тирамисуто: иако рецептот е познат и неговите состојки се едноставни, секој има своја верзија, своја мала финта и приказна зад неа. А кога станува збор за десерт што обединува толку многу вкусови, спомени и кулинарски традиции, изгледа дека едно светско првенство годишно едноставно не е доволно.
ФОТО: ИНСТАГРАМ