Кога ќе помислиме на медитеранската гастрономија, првите асоцијации најчесто се италијанската паста, грчките специјалитети и шпанските тапаси. Но сместена меѓу Сицилија и северноафриканскиот брег, Малта крие една поинаква, недоволно откриена гастрономска приказна. Нејзината кујна е резултат на повеќевековно преплетување на различни цивилизации и култури, чии влијанија и денес се чувствуваат во локалните рецепти, состојки и начинот на подготовка на храната.
Феникијците, Римјаните, Арапите, Норманите, витезите на Редот на Свети Јован и Британците – сите оставиле свој белег на овој мал медитерански архипелаг. Резултатот е кујна што ги комбинира едноставноста на домашното готвење, свежите локални намирници и вкусовите карактеристични за различните делови на Медитеранот.
Пастици за почеток на денот
Ако некогаш се најдете на Малта, гастрономското истражување најдобро е да го започнете уште од раните утрински часови, во некоја од традиционалните локални пекарници. Таму ќе ве пречекаат pastizzi – едни од најпрепознатливите малтешки специјалитети. Станува збор за мали, златнокафеави печива од лиснато тесто, со многу слоеви и крцкава текстура, полнети со рикота или со пире од грашок. Се продаваат во речиси секоја населба, обично се јадат топли и претставуваат омилен брз појадок или ужина за локалното население. Едноставни, достапни и вкусни, тие се многу повеќе од обично печиво – дел од секојдневната гастрономска традиција на островот.
Малтешка пица
Друг специјалитет што заслужува посебно внимание е ftira, традиционален малтешки леб со карактеристична форма и текстура. На прв поглед може да потсети на пица, но станува збор за посебен вид леб од кисело тесто, со кружна форма и мека, еластична средина. Најчесто се сече и се полни со туна, домати, маслинки и капари, а постојат и варијанти што се печат отворени, со состојки распоредени врз тестото. Неговото име има арапско потекло, а традицијата на подготовка на малтешкиот рамен леб од кисело тесто во 2020 година беше впишана на репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Традиционално се пече во камени печки на дрва, на високи температури, што му дава специфичен вкус и текстура.
Рибја чорба
Малтешката кујна, очекувано, има и силна морска страна. Еден од интересните традиционални специјалитети е aljotta – рибја чорба што се подготвува со бела риба, домати, лук, ориз и лимон. Особено често се користи рибата meagre, позната и како корвина, која има нежно бело месо и благ вкус. Чорбата е едноставна, но богата со ароми, а нејзината основа е свежата риба и комбинацијата на медитерански состојки. Првично станувало збор за скромно домашно јадење, кое можело да нахрани цело семејство, но денес е еден од специјалитетите преку кои најдобро се запознава традиционалната малтешка кујна.
Главно национално јадење
Сепак, кога станува збор за националните јадења на Малта, тешко е да се заобиколи stuffat tal-fenek – традиционална чорба од зајачко месо. Се подготвува со бавно динстање на месото во црвено вино, со моркови, зачини и други состојки, сè додека стане меко и полно со вкус. Интересно е што зад ова јадење се крие и необична историска приказна. Кога витезите на Свети Јован пристигнале на Малта во 1530 година, ловот на зајаци го прогласиле за привилегија на благородништвото, ограничувајќи им го пристапот на обичните жители до оваа намирница. Во меѓувреме, зајаците се размножувале и претставувале закана за земјоделските посеви. Незадоволството на локалното население траело со векови, а непосредно пред едно востание, ограничувањата биле укинати. Со текот на времето, зајачкото месо станало важен дел од локалната гастрономија и денес се смета за еден од симболите на малтешката трпеза.
Заборавете на кока-кола
За целосно гастрономско доживување, вреди да се проба и Kinnie – безалкохолен газиран пијалак со препознатлива килибарна боја, кој е вистински локален фаворит. Се подготвува од горчливи портокали од сортата Севиља и комбинација од ароматични билки и растителни екстракти. Неговиот вкус е специфичен, горчливо-сладок и помалку налик на класичните газирани пијалаци, па можеби ќе биде потребно малку време за да ви стане омилен. Освен што се пие самостојно, често се користи и како состојка во коктели.
Но малтешката гастрономија не е само приказна за традиционалните рецепти и уличната храна. Последните години островот сè повеќе се позиционира и како интересна дестинација за љубителите на високата кујна. Според изданието на Michelin Guide за 2026 година, на Малта и Гозо има седум ресторани со една Мишелин-ѕвезда и еден ресторан со две ѕвезди. Новата генерација готвачи ги интерпретира локалните состојки и традиционалните рецепти на современ начин, создавајќи менија што ги спојуваат гастрономското наследство и модерните кулинарски техники.
Можеби токму тука лежи најголемата привлечност на малтешката кујна: таа не се обидува да биде нешто што не е. Нејзината автентичност се крие во едноставните состојки, рецептите што се пренесуваат низ генерациите и влијанијата на народите што поминале низ островот. А кога една дестинација има толку богата историја, сосема е природно дека најубавиот начин да ја запознаете е – преку нејзината трпеза.
ФОТО: UNSPLASH, INSTAGRAM