Пребарување
Кафе Бар 25.02.2026

20 уникатни кафулиња за кои никогаш не сте ни помислиле дека постојат

Marija Lukarevska

Кафулињата ширум светот одамна ја надминаа идејата дека се само место за „едно кафе набрзина“. Денес тие нудат искуство, атмосфера и приказн

Иако Starbucks е сигурен избор кога сакате проверен вкус, постојат места што се вистински атракции сами по себе.

Некои се наоѓаат на неверојатни локации, други експериментираат со специјализирани методи на подготовка, трети ве вовлекуваат во необична тема или локална кафе-култура. Дел од нив изгледаат како сцена од филм, а дел се вистински израз на креативноста и страста на нивните сопственици. Најдобрите? Успеваат да го спојат сето тоа во едно.

Truth Coffee – Кејп Таун, Јужна Африка

Влегувањето во Truth Coffee е како да сте зачекориле во steampunk универзум. Бакарни цевки, запчаници и индустриски детали го покриваат просторот од ѕид до ѕид. Атмосферата веднаш сугерира дека овде кафето не е случајност – туку наука, процес и страст.

Со фокус на етички набавени, врвни зрна и внимателно печење, ова место ги наградува гостите и визуелно и гастрономски. Менито потсетува на весник од 1920-тите, а покрај класичните капучина и лате, се нудат и специјализирани методи како pour-over за вистински љубители.

Bocetos Café – Антигва, Гватемала

Целосно црно-бело илустриран ентериер што изгледа како да сте влегле во скица. Секој детал – од мебелот до архитектонските линии – е „нацртан“ со рачно изгледани контури.

Гватемала е една од водечките земји во производство на кафе благодарение на идеалната клима и надморска височина, па ова е совршено место за дегустација на локални зрна. А ако кафето не ви е омилено, тука се и освежителните овошни пијалаци. Мал простор, но огромен визуелен ефект.

The Note Coffee – Ханој, Виетнам

Ѕидовите? Целосно покриени со шарени пораки од посетители од целиот свет. Љубовни признанија, шеги, мали животни приказни – сè оставено како трајна трага.

Ова кафуле нуди повеќе од пијалак: нуди чувство дека сте дел од глобален колаж. Локалното виетнамско кафе е ѕвезда на менито, но достапни се и чаеви и смути. Пријателската атмосфера е легендарна колку и самите ѕидови.

Lhong Tou Cafe – Бангкок, Тајланд

Познато по своето „двокатно“ седење – маси поставени една над друга долж ѕидовите – Lhong Tou е едно од најфотогеничните места во Бангкок. Покрај кафе и традиционален тајландски млечен чај, тука се служи и вкусен дим сам.

Cà phê Du Soleil – Виетнам, планината Фансипан

Сместено високо на планината Фансипан, ова кафуле нуди поглед што го одзема здивот – долини и планински венци под вас, како да седите над облаците. Внатрешноста е украсена со традиционални шарени ткаенини, а менито вклучува слатко виетнамско кафе, еспресо и специјални чаеви.

Unicorn Cafe – Бангкок, Тајланд

Свет во пастелни бои, блескави декорации и еднорози на секој чекор. Дури и шпагетите се како виножито-. Посетителите можат да изнајмат и едноделен костим од еднорог за целосно инстаграмџиско искуство.

Lake Agnes Tea House – Канада

По едно до двочасовно планинарење на Канадските Карпи, оваа чајџилница на 2.135 метри надморска височина нуди повеќе од 100 видови чај и органско кафе. Погледот кон езерото Агнес е награда сам по себе.

La Voz Cooperative – езерото Атитлан, Гватемала

Сместено на фарма за кафе покрај езерото Атитлан, ова место нуди тура низ целиот процес – од плантажа до шолја. Сопствениците се стремат кон одржливо и етичко производство, а посетителите можат да пробаат кафе буквално од самиот извор.

Dear Deer Coffee Roasting Bar – Нов Зеланд

Тука сами избирате зрна од различно потекло, а персоналот ги пече пред вас според вашите спецификации. Резултат? Најсвежо можно кафе, создадено по ваш вкус.

Brigit’s Bakery Afternoon Tea Bus – Лондон, Велика Британија

Попладневен чај во легендарен црвен двокатен автобус додека минувате покрај Биг Бен и Бакингемската палата. Француска патисерија во движење – со опции и за вегани и безглутенска храна.

Giant Tree House Coffee Shop – Тајланд

Кафуле сместено меѓу гранките, до кое се стигнува преку висечки мост. Поглед, природа и кафе за помалку од два долари – звучи како совршен план за бегство од секојдневната монотонија.

Komiteti Vlorë – Албанија

Уметнички уреден простор со рустични дрвени детали и зеленило. Преку ден кафе-оаза, навечер бар со домашна ракија со различни вкусови.

The Phallic Café & Bistro – Исланд

Поврзано со фалолошкиот музеј во Рејкјавик, ова бистро не бега од темата – вафли и пијалаци во провокативни форми. Доволно необично за да ви остане во сеќавање.

Thanks Nature Cafe – Сеул, Јужна Кореја

Наместо мачки – две овци, Sugar и Honey. Гостите можат да ги хранат и галат додека уживаат во вафли и бингсу.

Poop Café – Торонто, Канада

Инспирирано од emoji-културата, со столици во форма на тоалети и десерти сервирани во мини WC-шолји. Чудно? Апсолутно. Забавно? Несомнено.

Requiem Cafe – Калифорнија, САД

Фантазија и научнофантастична атмосфера со „напивки“ наместо пијалаци. Простор за љубителите на фендом-културата, стрипови и игри.

HCI Robo House – Осака, Јапонија

Роботи примаат нарачки, подготвуваат и сервираат кафе. Потребна е резервација, а технологијата овде е дел од самото искуство.

Strange Brew Coffeehouse – Мисисипи, САД

Поранешна бензинска станица претворена во hip specialty кафе со drive-thru опција и домашни колачи.

The Attendant – Лондон, Велика Британија

Некогашен викторијански јавен тоалет, денес модерно специјализирано кафуле. Историски детали и V60 или AeroPress подготовка во истиот простор.

H.R. Giger Museum Bar – Швајцарија

Инспириран од мрачната естетика на H. R. Giger, креаторот на чудовиштето од филмот Alien на Ridley Scott. Секој агол изгледа како сцена од друг свет – идеално за кафе со доза надреализам.

Од планински врвови до подземни тоалети, од роботи до овци – овие кафулиња докажуваат дека шолјата кафе може да биде почеток на вистинска авантура.

ФОТО: ИНСТАГРАМ