Храната одамна престана да биде во главниот фокус при одењето во ресторан – денес се оценува целосното искуство: естетиката, амбиентот, презентацијата на јадењата – сè е во игра!
Од вечера меѓу океански бранови до ресторани во кои не морате да зборувате со никого или јадење на врв на планина, каде што храната се готви на неактивен вулкан. Ви претставуваме пет неверојатни ресторани кои ќе ги воодушеват сите ваши сетила, а не само непцата…
1. Ресторан под морето – Малдиви
Вечера под ѕвездите е едно од најромантичните искуства според многумина, но што мислите за вечера под морето?
Овој импресивен ресторан се наоѓа 5.8 метри под површината на Индискиот Океан во рамките на луксузен островски комплекс на Малдивите.
Зошто е посебен? Ресторанскиот дел е опкружен со вештачки создаден гребен кој привлекува разновиден морски свет, како гребенски ајкули и ражи. Стаклото што го дели морскиот свет од морската храна е дебело 15 сантиметри, па не мора да се грижите дека некој ќе ви го украде оброкот.
Што има на менито? Може да резервирате приватен појадок и да пробате традиционален малдивски омлет. Постои опција и за вечера од 7 оброци, при што ќе вкусите различни видови месо, риба или вегански специјалитети.
2. Звукот на тишината – Јапонија
Замислете си огромна чинија нудли и мртва тишина во најпрометните азиски градови. Ви звучи невозможно? Грешите! Ресторанскиот синџир „Ичиран“ најпрво се отворил во Фукуока, Јапонија во 1996, а денес има ресторани во повеќе од 60 места во Јапонија, но и во Хонг Конг, Тајпеј и Бруклин, Њујорк.
Зошто е посебен? Тишината вреди злато, особено додека јадеме и токму тоа го нуди „Ичиран“. При пристигнувањето, посетителите купуваат билет од автомат посочувајќи каков рамен сакаат. Потоа, можат да седат сами во приватно сепаре, каде што има само еден прозорец доволно голем за да го добијат својот оброк. Откако ќе пополнат формулар во кој ги наведуваат посакуваните текстура, зачинетост и цврстина на нудлите, притискаат копче и ја предаваат картичката. Потоа нивното јадење се приготвува и тивко се послужува низ прозорецот, без да се проговори ниеден збор.
Што има на менито? Класичниот рамен „тонкотсу“ е најпопуларен, но гостите можат сами да си го модифицираат според својот вкус со дополнителни додатоци.
3. Ресторанот на ѓаволот – Канарските Острови
Готвењето на оган добива ново значење во ресторанот „Ел Диабло“ (во буквален превод „ресторанот на ѓаволот“). Овде, се користи топлината на неактивен вулкан за да се зготват низа специјалитети. Овој драматичен локал се наоѓа високо на планините, меѓу карпи, во изолиран пејзаж во рамките на националниот парк Тиманфаја во Ланѕароте.
Зошто е посебен? Познатиот архитект Цезар Манрик бил најмен да изгради ресторан на врвот на Огнените планини. Бидејќи земјата била многу жешка, тој додал девет слоеви базалтен камен како темел на ресторанот, оставајќи еден дел отворен, како скара за готвење. Готвачите се консултирале со вулканолози за да се осигураат дека приготвувањето на храната на ваков начин е безбедна за консумирање. А ако додека го читате ова се плашите дека постои опасност од ерупција, не грижете се – вулканот последен пат бил активен во 1824 година.
Што има на менито? Температурите на скарата достигнуваат 400-500 степени Целзиусови. Тоа значи дека јадењата како пилешки и свински раженчиња или говедско месо се совршено зготвени. А за десерт, специјалитетот на куќата е сладок колач во форма на вулкан.
4. Кафуле во тоалет – Велика Британија
Сместено во модерниот кварт на Лондон, Фицровиа, Attendant Coffee Roasters е кафуле сместено во пренаменет (и, секако, темелно исчистен) јавен тоалет, изграден во Викторијанската доба.
Зошто е посебен? Кафулето го има задржано шармот на Викторијанската ера, со порцелански детали и плочки со комплексни дизајни.
Што има на менито? Појадок, „бранч“, печива и многу топли и ладни пијалаци. Гостите уживаат во нивната омилена напивка, опкружени со елементи од поранешни писоари.
5. Кафуле со роботи – Јапонија
Роботите во ова јапонско кафуле не служат само за да ги чистат послужавниците или да ја носат храната. Тие се контролираат оддалеку, понекогаш и од сосема друга земја. Avatar Robot Café DAWN се наоѓа во Токио и е отворено од 2021 година.
Зошто е посебен? Кога ќе пристигнете, не ве пречекува човек, туку робот-аватар, чиј изглед е инспириран од традиционалната театарска „но“ маска. Откако ќе се сместите, друг робот ви ја зема нарачката и муабети малку со вас, за потоа друг робот да ви ја послужи храната. Нема роботи во кујната, целата храна е зготвена од човечки раце.
Што има на менито? Од сендвичи со ракчиња и авокадо, до кари со зеленчук, класични пици и десерти од замрзнат јогурт. Сè е спремно за роботите да можат да го послужат со неверојатна прецизност.
Не сите најдобри јадења се на менито. Во многу ресторани постојат „тајни“ опции што ги знаат само редовните гости. Откриваме како да ги пронајдеш и што вреди да се проба.
Изборот на чинија за десерт не е случаен и има директно влијание врз перцепцијата на јадењето. Малите чинии се дел од внимателно дизајнирано искуство кое го нагласува финалето на оброкот. Овој пристап комбинира естетика, психологија и практичност.
Во современото гастрономско искуство, големината на порцијата не е единствениот фактор што ја дефинира вредноста на оброкот. Рестораните сè повеќе се фокусираат на баланс помеѓу квалитет, презентација и задоволство. Овој пристап често доведува до помали, но поконцентрирани и повкусни порции.