За многумина, освојувањето на „најдоброто место во ресторанот“ е првата ставка на нивното лично мени. Заборавете на сите други гости — токму таа маса што тие ја сметаат за совршена е онаа што веруваат дека им припаѓа.
Но вистината е дека „најдоброто место“ е сосема субјективно. Некој ќе каже дека идеалната позиција е најодзади, за да може да го набљудува целиот простор. Други мислат дека елитно место е аголот на шанкот. Некој друг ќе сака да седи веднаш до влезната врата. Повеќето гости, сепак, претпочитаат сепаре или маса покрај прозорец.
Распоредот на седење не е личен
Ако ве сместат на маса што ја доживувате како најлоша, веројатно не е ништо лично. Велиме „веројатно“ затоа што некои ресторани несомнено резервираат одредени маси за проблематични гости. Но суштината е едноставна: некој мора да седи таму.
Менаџерот ве распоредува според достапноста. Ако има двајца гости и слободни се само две маси — една за двајца и една за шестмина — тие ќе ја добијат помалата, без разлика каде се наоѓа. Па што всушност ја прави една маса „добра“ или „лоша“?
Добрата маса е во окото на набљудувачот
Многумина сметаат дека најлошото место во ресторан е она во близина на тоалетите. Не можеме да го негираме тоа, но ако тоа е единственото што останало, или ќе се помирите со звукот од автоматскиот сушач за раце на секои 20 секунди — или ќе чекате. Како и во авион: некој секогаш мора да седи до тоалетот.
Секое место што подразбира седење има подобри и полоши позиции. Дури и на концерт, понекогаш ќе завршите на седиште што не е идеално. Театарските ложи првично биле наменети за благородници, кралски семејства и богаташи — за да гледаат и да бидат видени — но тие не се баш најудобни за гледање.
Повеќето гости не се намерно сместени на полоша маса — тоа е едноставно масата што е слободна.
Секој ресторан има маси што се помалку посакувани од други. Сите сме седеле на маса во „најпрометниот дел“ на ресторанот, каде што келнерите и гостите постојано поминуваат и ги поттурнуваат столчињата. Не е пријатно ни да се сдеи близу влезот среде зима, кога вратата се отвора на секои три минути.
Ако некогаш сте седеле до вратата од кујната што постојано се отвора и затвора, знаете дека атмосферата таму е сосема поинаква — слушате делови од разговори, хаос, тропкање на тенџериња и тави. Но тоа не значи дека некој ве „казнил“ со таа маса — едноставно, тоа е таа што била слободна.
Дали би платиле повеќе за премиум место?
Можеби рестораните треба да размислат за попусти или различни цени за масите што никој не ги сака. Не велиме дека треба да се вовада доплата за „премиум“ маса како што се доплаќа во авионите за повеќе простор за нозете, но ако седите до тоалет, 10 отсто попуст на сметката сигурно би ви го направило целото искуство попријатно и прифатливо.
На крајот, сè се сведува на храната и услугата. Кого го интересираат празните столчиња и маси? Ако услугата е добра и уживате во друштвото, секоја маса може да стане ваше мало ВИП-место.
ФОТО: UNSPLASH