Пребарување
Ресторан 18.06.2026

PARADISO DEL PISTACCHIO: Ви претставуваме ресторан во Рим кој во секое јадење од менито става ф’стаци

Marija Lukarevska

Ф’стаците се растение што уште од дамнина се користи во исхраната на луѓето, а нивната историја се протега илјадници години наназад. Се смета дека потекнуваат од Блискиот Исток, а археолошките наоди покажуваат дека биле дел од исхраната уште во античко време.

Не е чудно што се неизоставен дел од кујната во Турција, Иран, Сирија и Либан, каде постои верување дека ф’стаците носат среќа и богатство. Во Кина се симбол на долговечност, во Индија се користат како заштита од зли сили, а во Египет се користеле во церемонијални цели, што го покажуваат и цртежите во гробниците на фараоните.

Ф’стаците денес се планетарно популарни, како поради својот вкус, така уште повеќе поради својата разновидност. Сето тоа беше доволно Матија Микеланџели (Mattia Michelangeli), млад шеф со сицилијанско потекло, да покрене проект и два ресторана — Eden il Paradiso del Pistacchio во Рим.

„Идејата беше да се запознае еден толку разновиден производ како што е ф’стакот во сите негови облици“, изјави по тој повод младиот шеф.


Ако мислите дека овој ресторан има десетина јадења, се лажете. На класичните брускети ставаат мачканица од биволско сирење со паста од ф’стаци, потоа прават пена од ф’стаци со тартуфи, а ги комбинираат и со гванчијале-сланина, како и со капоната и босилек.

Матија полни телешко со ф’стаци и мортадела во мајонез од лајм, а со ангус-стек сервира меко печена жолчка и тартар од ф’стаци. Кога во овој ресторан ќе ја пресечете буратата, повторно се тука ф’стаците, како и посипани врз „cacio e pepe“. Ќофтињата се полни со мелени ф’стаци, а мелените се користат и во тестото за њоки, како и во сосот од сланина и моцарела. Тартарот од ракчиња е со ф’стаци, како и јунешкиот хамбургер со кашкавал или говедскиот филе со фонду од ф’стаци. Логично, ги има во сите десерти и џелато, а ако посакате прилог, како помфрит — и тој е прелиен, погодете со што.

Ако по оброкот во овој ресторан не ви се доволни ф’стаци, можете да ги нарачате во ресторанот, но и на нивната официјална страница, различни производи. Во понудата имаат чоколадо од ф’стаци за 5 евра, пралини за 8 евра, крем од ф’стаци за 9, песто за 10, а ликер од ф’стаци за 16 евра. Ниту цените во ресторанот не се превисоки и се движат од 7 евра за предјадења, од 14 до 18 евра за главни јадења, додека сите колачи чинат 6 евра.

Двата ресторана за кратко време станаа популарни, па посетете ги и вие ако се најдете во Рим. И тоа е сè. Нема повеќе да зборувам за ф’стаци.

ТЕКСТ: СВЕТИСЛАВ СТОЈАНОВИЌ