Совршениот помфрит има златна и крцкава коричка однадвор, а внатрешноста му останува мека. Дома, сепак, често добиваме сосема поинаков резултат – компирите знаат да бидат премногу меки, масни или да потемнат пред да се испечат убаво. Причината може да биде многу поедноставна отколку што мислите: професионалниот резултат се постигнува со двократно пржење.
Откако ќе ги исечете компирите на стапчиња, добро е прво да ги ставите во ладна вода околу 20 минути. Така се отстранува дел од површинскиот скроб, што помага при создавањето на крцкава кора. Но, по ова компирите мора темелно да се исушат. Вишокот вода не само што може да предизвика прскање на врелото масло, туку и да ја намали неговата температура.
Следниот чекор е првото пржење. Компирите се ставаат во масло загреано на околу 160 степени и се пржат седум до осум минути. Во оваа фаза целта не е да добијат боја, туку да се подготват однатре. Потоа се вадат и се оставаат да се изладат најмалку 15 минути. Токму оваа пауза е делот што често го прескокнуваме кога помфрит подготвуваме дома.
Откако ќе се изладат, следува второто, кратко пржење – овојпат во масло загреано на околу 190 степени. Две до три минути се доволни за површината да стане златна и крцкава, додека средината останува мека. Во рестораните првата фаза често се прави однапред, а второто пржење се остава за моментот кога ќе пристигне нарачката. Внимавајте и да не ставате премногу компири одеднаш во маслото, бидејќи наглиот пад на температурата може да го направи помфритот помасен и помалку крцкав.
pexels – pomfrit