Пребарување
Храна 04.02.2026

Најдобрите филмови и серии за храна на Нетфликс

Marija Lukarevska

Реални шоуа, серијали, класични филмови и документарци што отвораат очи —  вистински визуелни гозби

Сите веќе знаат за Chef’s Table, The Great British Bake Off, My Million Pound Menu, Ugly Delicious, Salt Fat Acid Heat, филмот Julie & Julia и, можеби во помала мера, Street Food: Asia. Покрај нив, има огромен број кулинарски емисии, документарци за готвачи и безброј јапонски и корејски драми што комбинираат романса со храна. Еве дел од нив што можете да ги најдете на Нетфликс.

Aruna & Her Palate (2018)


Базиран на книгата The Birdwoman’s Palate од Лаксми Памунџак, оваа необична индонезиска романтична комедија е совршена појдовна точка за истражување на гастрономските содржини на Netflix. Приказната следи пар згодни епидемиолози и нивни пријатели кои одат на патување за да истражуваат птичји грип — а притоа јадат во голем број ресторани и улични тезги со храна. Зошто сите тие места за јадење останале отворени за време на епидемија останува целосна мистерија.

Midnight Diner: Tokyo Stories


Оваа необична јапонска драмска серија е огромен хит во Јапонија. Дејството се случува во ноќен бар на мистериозен сопственик со терапевтска аура, познат како Мастер. Серијата ги истражува внатрешните животи на гостите кои доаѓаат и си одат. Секоја епизода се фокусира на омиленото јадење на еден лик, преку кое постепено се развива приказната. На пример, приказната за актер на акциони филмови во залезот на кариерата, кој се облекува како жена, се одмотува паралелно со неостварената љубов на млад радиоводител кон постара таксистка која нарачува тан-мен супа без тестенини.

Taco Chronicles


Полна со факти за такосите и раскошна фотографија, секоја од шесте епизоди на оваа мексиканска документарна серија се фокусира на различен вид тако и техниките на негово подготвување — al pastor, carnitas, canasta, asada, barbacoa и guisado. Нивната историја и културата на јадење се истражуваат преку мексикански автори за храна, улични продавачи и други експерти.

Rotten


Фалена од многумина, а критикувана од некои, оваа политичка документарна серија дава отрезнувачки поглед на проблемите поврзани со производството и снабдувањето со храна како мед, кикиритки, бакалар и чоколадо. Епизодата за авокадото, на пример, покажува како зголемената побарувачка довела до појава на авокадо-картели во Мексико и недостиг од вода во веќе сушното Чиле. Има потресни интервјуа со земјоделци, производители и добавувачи, а кинематографијата е брутално убава. Длабоко непријатно, но вреди да се погледне.

Samurai Gourmet


Во оваа нежна јапонска комедија, новопензиониран самурај, ослободен од работните обврски, посетува различен ресторан во секоја епизода за да јаде и пие до бескрај. Крупните кадри на храната и изразот на чисто задоволство на неговото лице ќе ве натераат да скролате низ телефонот барајќи фотографии од вашиот последен ресторански оброк. Совршена стратегија за пензија — за во иднина.

Cooked


Ако сте ја прочитале популарната книга Cooked од Мајкл Полан, ова е нејзината филмска верзија во четири дела. Секоја епизода ја истражува историјата и техниките на готвење со оган (скара во Австралија), вода (готвење во садови во Индија), воздух (печење леб во Мароко) и земја (ферментација). Знаењето, страста и грижата на Полан за оваа тема се пренесуваат јасно и гласно.

Let’s Eat

Комбинирајќи романса, комедија и тензија со храна, оваа корејска драма зборува за четворица згодни самци кои одат по ресторани, градат врски преку јадење заедно и водат многу жешки дебати за храна. Најдобрите сцени се крупните кадри на јадењата и симпатичните ентузијастички расправии за корејската и западната кујна, нивните вкусови и начинот на кој „треба“ да се јадат.

Somebody Feed Phil

Најпознат како креатор на американскиот ситком Everybody Loves Raymond, Фил Розентал  јаде низ светот и го споделува своето мислење. Некои ќе го сметаат за досаден и комерцијален, други ќе ги обожаваат неговиот искрен ентузијазам,  наивноста и заразната насмевка. Серијата е наменета за нестручна, не-гастрономска, добро ситуирана туристичка публика која е подготвена за смеа и авантура. Кога во Бангкок ќе му послужат леплив ориз со избор на додатоци, тој е како дете во слаткарница: „Ова треба да го има на секоја роденденска забава — треба да го има и на мојот роденден!“ Несомнено ќе ви измами насмевка на лицето.

A Tale Of Two Kitchens

Како омаж на недоволно ценетите латиноамериканси работници во американската ресторанска индустрија, овој краток документарец е за двата ресторана на шефицата Габриела Камара: Contramar во Мексико Сити и Cala во Сан Франциско. Улогата, важноста и идентитетот на мексиканските и мексиканско-американските работници се истражуваат преку сличните вредности и мисии на двата локала, кои нудат работа на поранешни осуденици и луѓе во рехабилитација од зависности.

Chef & My Fridge

Оваа луда јужнокорејска кулинарска натпреварувачка емисија е брза и хаотична, со многу духовити препирки меѓу водителите, славните натпреварувачи и готвачите. Шефовите готват со содржината во фрижидерите на корејските ѕвезди — но форматот е многу покомплициран од обично реално шоу за готвење. Личи на мешавина од Ready Steady Cook, Through The Keyhole и Never Mind The Buzzcocks. Само препуштете се и обидете се да останете во тек.

Па, се надеваме ќе уживате во нашите предлози, само еден мал совет пред да почнете со кулинарскиот маратон: никако не гледајте со празен стомак!