Пребарување
Ресторан 27.05.2026

Зошто занемарениот тоалет е можеби најголемото „црвено знаменце“ во еден ресторан?

Marija Lukarevska

Користете го овој брз инстинктивен тест пред да седнете да уживате во оброкот.

Одличен ресторан не е само вкусна храна, стилски уреден ентериер и беспрекорна услуга. Секако, сето тоа придонесува за целосното искуство, но постои едно чувствително место што може за секунда да им го смени впечатокот на гостите: тоалетот. Во име на белилото и квалитетната тоалетна хартија — време е конечно да им се посвети внимание на овие често занемарени простории.

Дали во тоалетот е темно со причина?

Чешми што протекуваат, мувлосани фуги и валкани подови никогаш не би биле толерирани во кујна. Па зошто толку често ги прифаќаме во ресторански тоалет? Кога ќе влезете во тоалет со пригушено осветлување, сигурно се прашувате дали таа сијаличка над мијалникот служи за атмосфера — или за да не го забележите испуканиот силикон околу дозерот за сапун.

Тоалетот треба да биде продолжение на ресторанот. Никој не сака да вечера во амбиент што потсетува на луксузна европска епоха, а потоа со отворање на вратата од тоалетот да се почувствува како да влегол во стара селска куќа со полско ве-це.

Треба да се вложи малку повеќе труд

Рестораните би требало да се потрудат. Никој не сака да гледа тоалетна четка скриена зад школката, исто како што никој не сака влакно во салатата. И двете асоцираат на нехигиена.

И доста веќе со малите плетени корпички полни со суви ароматични ливчиња врз казанчето. Секогаш се прекриени со прашина, затоа што, реално, како воопшто може да се исчистат?

Истото важи и за хартиените крпи сместени во плетени корпи. Како точно се брише прашина од плетена корпа? Не ни треба најскапиот сапун од лаванда во стаклено шише, но ако на подот стои огромно шише евтин розов детергент што очигледно се претура во дозерот — верувајте, сите гледаме што сте направиле.

Не мора да биде „слатко“, ама мора да биде чисто

Сакаме тоалет во кој се гледа дека некој размислувал. Простор со добро светло и дизајн во кој човек ќе посака да направи селфи.

Но дури и ако тоалетот не изгледа како да излегол од списание за ентериер, барем нека биде чист.

Треба редовно да се проверува во текот на денот, затоа што — да бидеме искрени — луѓето знаат да бидат ужасно неуредни. Бришете ги пултовите почесто. Собирајте ги парчињата тоалетна хартија од подот. Празнете ја кантата пред да почне да изгледа како кула од стуткана тоалетна хартија што сите се обидуваат да ја натнат без да им падне на подот.

А кога веќе ќе исчистите — не ги оставајте кофата и џогерот во аголот. Тоа само нè потсетува што сè имало под нашите чевли пред пет минути.

На повеќето ресторани не им треба целосна реновација на тоалетите. Само малку повеќе грижа. Гостите секогаш паметат две работи од едно ресторанско искуство: најдоброто и најлошото. А одвратен тоалет лесно може да го избрише впечатокот од одличната храна.

ФОТО: Freepik