Дали смее повторно да се замрзне одмрзнатото месо? Еве кога е безбедно
Месото одмрзнато во фрижидер може повторно да се замрзне, но начинот на одмрзнување и времето поминато во фрижидер се клучни за безбедноста и квалитетот.
Од кисели зеленчуци и домашен оцет до коџи, комбуха и сосови што созреваат со недели – во современите ресторани времето станува една од најважните состојки.
Во рестораните низ светот се случува тивка, но голема промена. Наместо постојано да се бараат нови и спектакуларни состојки, сè поголемо внимание се посветува на нешто што со векови постои во традиционалните кујни – ферментацијата.
Во 2026 година ферментираните намирници и техники повторно се во центарот на гастрономијата, но овојпат со современ пристап. MICHELIN Guide меѓу значајните тенденции во ресторанската сцена ги издвојува ферментацијата, конзервирањето и процесите во кои времето постепено го гради вкусот.
Ферментацијата не е нова техника. Напротив, таа е дел од традиционалните начини на зачувување храна во различни култури – од киселењето зеленчук до производство на мисо, соја-сос, оцет и други ферментирани производи.
Она што е ново е начинот на кој современите готвачи ја користат.
Наместо ферментацијата да биде само метод за продолжување на трајноста на производите, таа станува алатка за создавање комплексни вкусови. MICHELIN Guide забележува дека готвачите сè почесто оставаат зеленчук, риба или месо да созреваат преку различни контролирани процеси, со што вкусот станува подлабок и посложен.
Тоа значи дека во современата кујна времето повеќе не е само нешто што треба да се „заштеди“. Понекогаш токму времето е она што му дава вредност на јадењето.
Една од најинтересните причини поради кои ферментацијата станува толку важна е поврзаноста со идејата за кујна со минимален отпад.
Готвачите експериментираат со делови од производите кои порано би завршиле како отпад. Остатоци од овошје можат да се претворат во оцет, лушпи и јадра од ананас во ферментиран пијалак, а сезонскиот вишок зеленчук може да се зачува и да добие сосема нов карактер.
James Beard Foundation, повикувајќи се на искуства на готвачи и сопственици на ресторани, ја издвојува токму намерната ферментација како една од значајните тенденции за 2026 година. Според нив, техниката се користи за продолжување на сезоната, зачувување на вишокот намирници и намалување на отпадот, но и за создавање нови вкусови.
Така, нешто што некогаш се сметало за „остаток“ може да стане една од најинтересните компоненти на коктел, сос или десерт.
Трендот не застанува во кујната.
Во современите барови сè почесто се користат ферментирани состојки како комбуха, тепаче, ферментирани овошни саламури и различни видови оцет. James Beard Foundation наведува дека баровите експериментираат и со искористување на остатоци од цитрус и други состојки за да се намали отпадот, без да се изгуби киселоста и комплексноста што се важни за добар коктел.
Особено интересен пример е тепачето – традиционален ферментиран пијалак од кора и средишниот дел на ананасот. Наместо тие делови да се фрлат, можат да станат основа за пијалак со специфична арома и природна киселост.
Ова совршено се вклопува во уште еден голем тренд: баровите да размислуваат за секоја состојка како за ресурс, а не како за отпад.
Иако ферментацијата звучи рустикално и традиционално, денес таа се појавува и во најсовремените гастрономски концепти.
MICHELIN Guide забележува дека готвачите користат ферментација за да создадат длабочина во јадењата, а коџи – култура што се користи во производството на состојки како мисо и соја-сос – станува дел од сè поширок спектар техники.
Во некои кујни ферментираните компоненти се појавуваат дури и во десертите, каде солените, киселите и умами нијансите се комбинираат со слатки вкусови.
Токму ова ја прави ферментацијата толку привлечна за современите готвачи: една стара техника им овозможува да создаваат нешто што на гостите им изгледа сосема ново.
Интересно е што најновите гастрономски тенденции не се движат секогаш кон „поголемо, поскапо и поегзотично“.
Напротив, дел од најинтересните идеи за 2026 година се темелат на враќање кон техники што одамна постојат – ферментација, зачувување, готвење на оган и сезонска употреба на намирниците. MICHELIN Guide токму овие процеси ги издвојува како дел од пошироката промена во начинот на кој рестораните размислуваат за вкусот и производите.
Тоа е можеби и најголемата лекција на современата гастрономија: понекогаш најиновативната идеја не е да измислиме нешто ново, туку повторно да откриеме колку многу можеме да направиме со она што веќе го имаме.
А во таа приказна, времето – нешто што не може да се забрза – повторно станува една од највредните состојки во кујната.
Текст: Бојана Стојменовиќ
Дознајте ги први сите новитети, ексклузивни понуди и настани!