Пребарување
Храна 16.11.2026

Не сакате ролнички со цимет? Тогаш мора да ги пробате овие неверојатно меки ролнички со афион (РЕЦЕПТ)

Dimitar Babalkov

Меко и воздушесто тесто, богат фил од афион и кремаст прелив од крем-сирење се комбинацијата на која тешко ќе ѝ одолеете. Се подготвуваат едноставно, а одлични се за појадок, десерт или попладневно уживање со кафе.

Ако ролничките со цимет ви се меѓу омилените слатки задоволства, тогаш оваа верзија со афион дефинитивно заслужува место во вашата кујна. А доколку не сте љубител на циметот, овие ролнички можеби ќе ви станат новиот омилен десерт.

Нивната тајна е во мекото тесто, богатиот фил од афион и кремастиот прелив што им дава дополнителна сочност. Одлични се за појадок со шолја кафе, како десерт по ручекот или секогаш кога ќе посакате нешто слатко.

Подготовката не е комплицирана. За замесување ќе ви бидат потребни околу десет минути, печењето трае половина час, а со времето потребно за стасување на тестото, целиот процес трае околу еден час и 40 минути.

Потребни состојки

За тестото:

  • 300 мл млеко

  • 30 г свеж квасец

  • 1 лажица и 1 лажичка шеќер

  • 2 јајца

  • 600 г мазно брашно

  • 1 прстофат сол

  • 130 г путер

За филот:

  • 600 г мелен афион

  • 250 г шеќер

  • 2 кесички ванилин шеќер

  • 250 мл млеко

За преливот:

  • 50 г шеќер

  • 50 г омекнат путер

  • 170 г крем-сирење

Начин на подготовка

Најпрво замесете ги сите состојки за тестото, освен путерот. Кога ќе се соединат, постепено додавајте го омекнатиот путер и продолжете со месење додека не добиете мазно и еластично тесто. Покријте го со крпа и оставете го на топло место додека не ја удвои својата големина.

Во меѓувреме подгответе го филот. Измешајте ги афионот, шеќерот и ванилиниот шеќер, а потоа прелијте ги со топло млеко. Добро промешајте и оставете ја смесата да се излади.

Стасаното тесто развлечете го на набрашнета површина во правоаголна форма. Рамномерно премачкајте го со изладениот фил, а потоа цврсто завиткајте го во ролат. Исечете го на 12 еднакви парчиња и наредете ги во подмачкан калап, оставајќи малку простор меѓу нив.

Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 30 минути, додека ролничките не добијат златнокафеава боја.

За завршница можете да ги премачкате со малку растопен путер и мед или да подготвите кремаст прелив. За него, пенесто изматете ги путерот и шеќерот, додајте го крем-сирењето и мешајте додека не добиете мазна смеса.

Премачкајте ги ролничките додека се топли и послужете ги. Резултатот се меки, сочни и миризливи залчиња на кои тешко ќе им одолеете!

Фото: pexels