Пребарување
Храна 15.04.2026

Топ 10 меѓународни градови за храна и пијалак, според експертите

Marija Lukarevska

Низ континенти, кујни и бескрајни влијанија – ова се највпечатливите градови за вкусување годинава

Кога патувате во некој град, без разлика дали по работа или од задоволство, еден од најлесните начини да се поврзете со локалната култура е преку храната и пијалоците. И тоа не бара многу труд – сепак, ќе треба да јадете или да излезете на пијалак во секој случај.

Храната често ја отсликува душата на еден град. Таа не е само гориво за телото – таа е семејство, заедница, земјоделство, бизнис. Го симболизира начинот на кој сме поврзани како луѓе, а секоја дестинација има свој уникатен гастрономски идентитет. Мрежата на експерти за храна и патувања на Food & Wine направиле листа на најдобрите градови за меѓународни кулинарски искуства. Ова се победниците – местата што вреди да ги посетите оваа година.

Победник: Бангкок

Иако Бангкок има 34 ресторани со Мишлен ѕвезди, меѓу кои и Sorn со својата извонредна пан-тајландска кујна, невозможно е да се игнорираат корените на градот во уличната храна. Многумина доаѓаат токму поради тоа. Скара и вок тави крчкаат по улиците во популарни гастрономски зони како Khao San Road и Yaowarat (кинескиот кварт на Бангкок). Поавантуристички настроените посетители може да пробаат и пржени инсекти, пред да се впуштат во автентични улични јадења – од едноставни moo ping (ражничи од свинско месо) до интензивните kuay tiew ruea („чамец-јуфки“).

Токио

Јапонската кујна во главниот град е многу повеќе од парни чинии со удон, жешки ражничи со јакитори, јапонско виски или тенки парчиња сурова риба – понекогаш и жива. Во Токио, речиси е правило секој коктел и секое јадење, без разлика дали е од брза или висока кујна, да се подготвува со максимална прецизност. За локалците, храната и пијалокот се уметност. Градот има најмногу ресторани со Мишлен ѕвезди во светот – дури 239. Но и надвор од таа елита, изборот е толку богат што добриот оброк е загарантиран – вистинскиот предизвик е што да се избере.

Мексико Сити

Кулинарските експерти се согласуваат дека Мексико има седум различни гастрономски стилови – и сите може да се најдат во космополитскиот Мексико Сити. Откако ќе се наситите од такоси на некој од многуте улични штандови, оставете простор за богати моле сосови од Оахака, подготвени како луксузна храна во Pujol, или за печен huachinango (црвен снапер) во стилот на Веракруз. Градот има и извонредна коктел-сцена – од инвентивните пијалаци во Licorería Limantour до познатиот speakeasy бар Handshake, рангиран како број 1 на листата World’s 50 Best Bars за 2024.

Барселона

Готската архитектура и делата на Гауди ја поставуваат сцената за оваа каталонска престолнина, која постојано ја истакнува својата уникатност во однос на остатокот од Шпанија. Во кујната, тоа значи специјалитети како romesco de peix (рибја чорба) и pato con peras (патка со круши). Секако, тука се и класичните шпански јадења – паеља, гаспачо или октопод на галиски начин. Без разлика дали ќе вечерате во Disfrutar – најдобриот ресторан во светот за 2024 – или ќе уживате во тапаси, ибериски пршут и чаша добро вино во мала бодега, не можете да згрешите.

Хонг Конг

156-годишното британско владеење го претвори овој јужнокинески мегалополис во центар на светските кујни, но неговото срце и натаму чука во кантонската традиција – со парчиња char siu што висат во излозите и колички со дим сум што се движат низ рестораните. Од уличните штандови на Temple Street до 77-те ресторани со Мишелин ѕвезди, храната е суштински дел од животот овде. Коктел-сцената е подеднакво силна, со барови како Bar Leone и Artifact, кои се истакнуваат многу подалеку од ноќниот центар Lan Kwai Fong.

Лондон

Помина времето кога единствен добар оброк во Лондон беше fish & chips или неделен ручек со печено месо. Денес, модерната британска кујна цвета низ целиот град, не само во ресторани поврзани со имиња како Гордон Ремзи. Империјалната историја донесе кујни од целиот свет – африканска, кантонска, карипска и јужноазиска – кои денес живеат рамо до рамо со традиционалните англиски пабови. Mangal II, Bar Termini и The Fumoir се меѓу најистакнатите оваа година.

Париз

Во Франција – земја синоним за гастрономија – уживањето во храна и вино е вистинска животна филозофија. Париз не е исклучок, со 130 ресторани со Мишлен ѕвезди и кујни од целиот свет. Но под модерните трендови се крие длабоко вкоренета традиција на класична француска кујна, каде foie gras и escargot секогаш имаат свое место. Без разлика дали јадете moules frites со чаша Sauvignon Blanc во бистро, кршите топол багет од локална пекарница или уживате во макаронс или mille-feuille – секој оброк е момент на вистинска животна радост.

Париз е и број 1 град за слаткарство за 2025, а три барови – Bar Nouveau, Danica и Bar Les Ambassadeurs – се меѓу најдобрите годинава.

Лима

Со влијанија од домородните култури, шпанските колонизатори и јапонските и кинеските имигранти, перуанската кујна е вистинска симфонија од вкусови. Лима одамна не е само кратка станица на пат кон Мачу Пикчу – туку гастрономска дестинација сама по себе. Ресторанот Astrid y Gastón ја предводи револуцијата на новата перуанска кујна, инспирирајќи генерации готвачи. Класични јадења како lomo saltado, causa limeña и свежото ceviche добиваат модерни интерпретации, особено во ресторани како Maido. И не заборавајте – Лима денес е многу повеќе од градот што му го претстави pisco sour на светот.

Копенхаген

Повеќе од две децении, данската престолнина е гастрономски центар на Скандинавија. Револуционерниот ресторан Noma на Рене Реџепи ја отвори ерата на новата нордиска кујна, која ги слави традиционалните техники како собирање диви состојки, ферментација и конзервирање. Иако Noma најавува затворање на класичното работење, неговото влијание ќе продолжи преку нови проекти и генерации готвачи – како оние зад Geranium и Jordnær.

Мелбурн

Иако географски е најдалеку, Австралија преку својата историја ги поврзува културите на домородните народи, Азија и Европа. Тоа најдобро се чувствува во Мелбурн – космополитски град со исклучително разновидна гастрономска сцена. Во Vue du Monde, готвачот Hugh Allen ја модернизира австралиската кујна со француски допир. Flower Drum нуди кантонски специјалитети од сезонски намирници, а Nornie Bero внесува домородни состојки како крокодил и ему во современи јадења. Патниците овде можат да го започнат денот во градот број 1 за кафе во светот.

ФОТО: UNSPLASH