Секој ресторан има маси што се помалку популарни – оние покрај тоалетот, кујната или влезот. Наместо да ги гледате како проблем, претворете ги во предност.
Размислете за креативни решенија. Можете да ги одвоите со прегради, да додадете растенија или да им дадете посебен карактер, како простор за брз оброк или работен агол со приклучоци. На овој начин овие маси не само што ќе се пополнат, туку ќе привлечат и специфичен профил на гости кои работат од ресторан.
РАСПОРЕД НА ПРОСТОРОТ
Масите поставени премногу блиску создаваат чувство на непријатност. Гостите што се чувствуваат стеснето обично јадат побрзо, нарачуваат помалку и поретко се враќаат. Промислен распоред, со повеќе простор меѓу масите, создава чувство на приватност и опуштеност, па гостите остануваат подолго и почесто нарачуваат дополнителни ставки, како колач или уште еден пијалак.
Ако размислувате за зголемување на бројот на масите за да го зголемите прометот, разгледајте ја можноста за помал број маси, со поголем комфор за гостите, кој често носи и поголеми приходи.
ЕКСКЛУЗИВНИ МАСИ
Масите на најдобрите позиции – со поглед, во изолирани делови или во аглите – можат да станат ваша алатка за создавање дополнителна вредност. Размислете за можноста за резервација на таквите места со мала доплата или за специјални менија достапни само на тие маси.
Таквиот потег не само што ги зголемува приходите, туку создава и чувство на престиж кај гостите.
ПРИСПОСОБЕНИ МАСИ
Различни гости доаѓаат со различни очекувања, а вашиот простор може да биде приспособен на тие потреби. Ако таргетирате деловни ручеци, масите за двајца или за индивидуални гости со пристап до полначи за телефони, приклучоци и брза услуга можат да бидат полн погодок.
Ако сте повеќе насочени кон вечерни излегувања и семејни собири, поголемите маси што поттикнуваат дружење ќе создадат вистинска атмосфера.
ШТО САКААТ ГОСТИТЕ
Гостите не доаѓаат во ресторанот само поради храната, туку и поради чувството што го создава просторот. Размислете како гостите го доживуваат вашиот простор. Дали седат удобно? Дали имаат доволно простор за уживање? Дали атмосферата е пријатна?
Ако им овозможите искуство што ги задоволува нивните потреби, тие ќе остануваат подолго, ќе нарачуваат повеќе и со задоволство ќе се враќаат.
Не мора да ја менувате квадратурата на ресторанот за да ги зголемите приходите. Доволно е да го промените начинот на размислување за просторот. Секоја маса има потенцијал да стане место што гостите го обожаваат – само ако знаете како да ја претставите.
ДЕТАЛИ ШТО ИСТО ТАКА ПРОДАВААТ
Осветлувањето во вашиот ресторан не е само декорација – тоа создава атмосфера. Избегнувајте премногу остро светло што создава стерилен впечаток, но и премногу придушено осветлување поради кое гостите не можат да го прочитаат менито. Идеално осветлување е она што им ласка на просторот, храната и луѓето, а истовремено создава чувство на топлина и удобност.
Музиката исто така игра клучна улога. Побавните ритми ги поттикнуваат гостите на подолг престој, додека побрзите ја забрзуваат динамиката на просторот. Приспособете ја музиката на периодот од денот и на профилот на гостите и внимавајте на јачината. Прегласната музика може да го намали уживањето и да го забрза заминувањето на гостите.
Температурата е уште еден, често занемарен елемент што значително влијае врз искуството на гостите. Премногу студена или премногу топла просторија создава непријатност и го скратува престојот на гостите. Паметните системи за греење и ладење, кои се приспособуваат на бројот на луѓе во просторот, прават голема разлика.
ТЕКСТ: РАТКО ИВЕКОВИЌ
ФОТО: Unsplash