Пребарување
Ресторан 01.06.2026

Дигиталната контрола на резервите веќе не е опција за рестораните, туку основа на стабилноста

Marija Lukarevska

Кога нормативите се прецизно дефинирани, менаџментот добива јасен увид во реалниот трошок на храната по јадење, отстапувањата во потрошувачката и брзината на обрт на залихите.

Во повеќето ресторани, инвентарот сè уште претставува административна обврска, а не управувачка алатка. Се изведува периодично, се анализира ретроактивно, а разликите меѓу планираното и реалното често се прифаќаат како „реалност“. Проблемот е што профитот не исчезнува на крајот на месецот – тој се губи секој ден, преку отстапувањата во грамажата, невидливиот отпад, бавниот обрт на стоката и набавката водена од проценка, а не од податоци.

Дигиталната контрола на резервите ја менува таа логика од темел. Кога се поврзани POS-системот, нормативите и набавката, секоја продадена ставка автоматски влијае на состојбата на лагерот. Бургерот веќе не е само продадено јадење, туку прецизно дефинирана количина суровини што во реално време се симнува од залихите. Ако планираната и реалната потрошувачка се разликуваат, системот веднаш го регистрира тоа, а не на крајот од пресметковниот период.

ГОЛЕМИНА НА ПОРЦИЈАТА

Решенија како MarketMan, Apicbase или модули во системи, како Oracle Hospitality, овозможуваат рецептите, набавката и магацинот да функционираат како единствена целина. Кога нормативите се прецизно дефинирани, менаџментот добива јасен увид во реалниот трошок на храната по јадење, отстапувањата во потрошувачката и брзината на обрт на залихите. Одлуките тогаш веќе не се засноваат на искуство или чувство, туку на податоци.

Понапредните системи интегрираат и дигитални ваги, со што дополнително се намалува просторот за грешки во големината на порцијата и манипулации. Отстапување од неколку грама по порција, помножено со дневниот обем на продажба, прераснува во сериозна годишна загуба. Дигиталниот инвентар таквите отстапувања ги прави видливи и мерливи.

ЗАМРЗНАТ КАПИТАЛ

Уште поважно, податоците за продажба и потрошувачка овозможуваат предиктивна набавка. Со анализа на историските трендови, сезоната и фреквенцијата на нарачките, системот ги предлага оптималните количини на стока. Со тоа се намалуваат замрзнатиот капитал, ризикот од расипување и потребата од итни набавки по неповолни цени.

Инвентарот престанува да биде пасивна залиха и станува активен дел од финансиската стратегија. Дигиталната анализа влијае и врз структурата на менито: намирниците со бавен обрт и висок трошок стануваат јасно видливи, што отвора простор за рационализација и подобро искористување на суровините. Менито така се претвора во стратешки документ, а не само во креативен израз на кујната.

Во време на раст на цените на суровините и притисок врз маржите, прецизната контрола на резервите веќе не е опција, туку основа на стабилноста. Ресторанот што во реално време знае колку чини секое јадење и колку брзо прави обрт на стоката има јасна конкурентска предност.

БРОЈКИ ШТО ЈА МЕНУВААТ ПЕРСПЕКТИВАТА
  • 3-7% разлика меѓу планираниот и реалниот трошок на храна е честа во објекти без дигитална контрола
  • Во ресторан со промет од 10.000 € месечно, тоа може да значи неколку илјади евра годишно
  • Дигиталната оптимизација на резервите може да го намали отпадот и до 20-30%
КАДЕ НАЈЧЕСТО СЕ ГУБАТ ПАРИ?
  • Премногу големи порции
  • Бавен обрт на намирници
  • Итни набавки по повисоки цени
  • Неповрзаност на POS системот и магацинот

 

ТЕКСТ: СВЕТИСЛАВ СТОЈАНОВИЌ

ФОТО: Freepik