Пребарување
Ресторан 14.04.2026

Рестораните ги освојуваат соло-гостите со погодности како бесплатен шампањ!

Marija Lukarevska

Јадењето соло никогаш не било попопуларно, особено меѓу генерацијата Z. Еве како рестораните се приспособуваат

Интимноста и намерноста се клучни за исклучително искуство при јадењето соло, вели Стејси Ловел, 22-годишна жителка на Оаху и чест соло-гостин. Ловел, која работи како менаџер за содржински маркетинг на Hawaii Food & Wine Festival, внимателно ги следи гастрономските трендови. Таа вели дека ужива да јаде сама бидејќи тоа го намалува „притисокот од разговор или обврска“.

И не е единствена. Според прогнозата за трендови на Tastewise за 2026 година, соло јадењето кај генерацијата Z пораснало за 32% на годишно ниво. Интересот кај потрошувачите генерално расте, покажуваат и извештаите од TouchBistro и Yum Brands.

Со зголемувањето на интересот, рестораните ги приспособуваат своите простори и услуги за да привлечат индивидуални гости. Делат бесплатни празни тефтери, создаваат забавни загатки и игри, и воведуваат мали детали за да направат соло гостите да се чувствуваат добредојдени.

Остави го телефонот, земи игра

Во Нешвил, ресторанот со една Мишелин ѕвезда The Catbird Seat нуди игри како сложувалки со зборови и крстозбори со термини и состојки од ресторанот. Тифани Ортиз, ко-извршен шеф, вели дека тоа помага околу темпото, бидејќи луѓето кои јадат сами обично завршуваат побрзо од парови или групи. Ова ги држи ангажирани со самиот ресторан, наместо со телефоните. Резултатот, според неа, е повеќе разговори низ просторот.

„Понекогаш луѓето ги користат игрите за да флертуваат со други соло гости, што е преслатко,“ вели Ортиз.

„Другпат се предизвикуваат кој побрзо ќе ја реши загатката.“

Таа додава дека ова создава чувство како на вечера со пријатели, наместо формална и крута атмосфера.

Во Филаделфија, Пол Макдоналд од The Lovers Bar има сличен пристап со „The Carousel“ — интерактивно мени за коктели во форма на тркало со 21 пијалак. Гостите можат да го завртат и да и’ го препуштат изборот на судбината.

„Бидејќи е визуелно привлечно и имаме само едно, станува заедничко искуство,“ вели тој.

Тој секогаш им го нуди тркалото прво на соло гостите, бидејќи тие веднаш почнуваат да си го споделуваат меѓу себе и тоа создава пријатна атмосфера каде луѓето навистина комуницираат.

За оние кои сакаат мир, ресторанот Grounded Table во Орегон нуди гостинска книга во која може да пишуваат, како и бесплатен тефтер што можат да го понесат дома.

Порциите за еден прават разлика

Големината на порциите исто така е важна. Ловел веднаш забележува дали менито е прилагодено за еден.

„Најлошо е кога ќе седнеш и ќе сфатиш дека сè е за делење,“ вели таа.

„Тоа може веднаш да направи да се почувствуваш непријатно.“

Во Чикаго, ресторанот Asador Bastian нуди специјално јадење за соло гости наречено „The San Miguel“, инспирирано од редовен гостин кој секогаш јадел сам. Наместо големи парчиња месо за споделување, шефот почнал да подготвува индивидуални порции стек.

Мали гестови што значат многу

Бесплатна храна или пијалак е уште еден начин да се создаде чувство на добредојденост. Во Nightbird во Сан Франциско, соло гостите често добиваат шампањ при пристигнувањето. Во The Essential во Алабама може да бидат изненадени со бесплатен десерт, додека во Stoneacre Brasserie во Род Ајленд добиваат мали дегустации или чаша шампањ — на сметка на куќата.

Соло јадењето како форма на грижа за себе

Ким Алтер од Nightbird вели дека забележале пораст на соло гости, особено луѓе што слават родендени. Делумно, овој тренд произлегува од генерацијата Z.

„Културата на грижа за себе има огромно значење кај Gen Z, а јадењето соло е дел од тоа,“ вели Ловел.

Мона Панџвани од One40 Rooftop во Њујорк додава дека многу од овие гости се деловни луѓе и патници.

„Соло гостите се многу лојални,“ вели таа.

„Ако се чувствуваат удобно, се враќаат, носат пријатели и стануваат амбасадори на ресторанот.“

На крајот, како и сите други, и соло гостите сакаат топло и човечко искуство.

„Постои голема разлика меѓу услуга што е само формална и услуга што е навистина човечка,“ заклучува Ловел.

ФОТО: UNSPLASH