Пребарување

Вистинската причина зошто некои маси ја добиваат нарачаната храна пред вас

Marija Lukarevska

Обично не е затоа што „се пикнале преку ред“. Еве што навистина се случува зад сцената.

Понекогаш ресторанот функционира како совршено подмачкана машина – нарачките се примаат, а храната излегува со прецизност што речиси не остава простор за грешка. Во места со одличен тајминг, персоналот прави сè за секој гостин да биде услужен ефикасно и според редоследот на пристигнување. Сепак, одвреме-навреме, некој може да добие впечаток дека некој друг „се протнал преку ред“ и добил нешто пред време. Вистината е дека зад ова стојат фактори кои на вработените им се очигледни, но на гостите не секогаш.

Кога нарачувате во ресторан, времето што ѝ е потребно на храната да стигне до вашата маса најмногу зависи од тоа што сте нарачале и како се подготвува. Добро испечен стек, на пример, ќе бара значително повеќе време од оној што се приготвува речиси „крвав“. Како што синџирот е силен колку што е силна неговата најслаба алка, така и една нарачка е брза колку што е брз најбавниот елемент во неа. Затоа, ако видите дека масата што нарачала по вас прва ја добила храната, тоа не значи дека сте прескокнати – едноставно, Цезар салата се подготвува побрзо од печено пилешко.

Никој во ресторанот не се труди намерно да ве задржи подолго без храна. Барем, најчесто.

И шанкерите играат по истите правила — а „пикањето преку ред“ не поминува неказнето

Истото важи и за пијалаците. Ако четворица гости нарачаат по едно точено пиво, сосема е логично тие да стигнат побрзо од нарачка што вклучува коктели како Lemon Drop Martini, Old Fashioned или Mojito – особено ако има и некој комплициран со белка од јајце. Тие што нарачале пиво не се протнуваат преку ред; едноставно имаат поедноставна нарачка. Останатите пијалаци нема да пристигнат „утре“, но ќе им треба малку повеќе време.

Кога нарачувате директно на шанк, работите се малку покомплицирани. Шанкерите се трудат да ги услужат прво оние што најдолго чекаат – иако тоа не е секогаш совршено прецизен систем.

Она што многумина не го забележуваат е колку се всушност внимателни шанкерите – тие го регистрираат буквално секој што чека. И секогаш е очигледно кога некој ќе се „пробие“ напред, оттурнувајќи ги оние што дошле порано. Шанкерот ве гледа – и ќе ве остави да си го почекате редот. Ниту контакт со очи, ниту мавтање со банкнота од 1000 денари нема да ви помогне. Напротив, ако процени дека сте се протнале, може и намерно да ве остави да чекате подолго. Шанкот е нивна територија – и тие ги поставуваат правилата.

Ни хостот не се обидува да ве изигра

Истата логика важи и за хостесите и менаџерите во ресторан. Ако сте го ставиле вашето име на листа, ќе бидете повикани по ред – но во согласност со достапноста на масите. Тоа значи дека ако се ослободи маса за четворица, нема да седнат двајца таму. Наместо тоа, хостесата ќе ја повика следната група од четири лица на листата. Тоа не е фаворизирање, туку едноставно рационално користење на просторот.

И да – ако кажете дека имате резервација кога всушност немате, тоа е исто како да се обидувате да прескокнете ред. Немојте. На персоналот тоа не му се допаѓа – и знае како да реагира.

Следниот пат кога ќе ви се причини дека некој е услужен пред вас, имајте на ум дека најверојатно постои добра причина за тоа. Можеби нивната храна или пијалак едноставно се готови побрзо. А можеби… некој забележал дека се обидувате да „фатите кривина“.