Вашиот келнер или шанкер слуша сè што зборувате. Тивките муабети и шепотењата едноставно немаат шанса со изострениот слух на искусен угостителски работник. На докторите им треба стетоскоп, на келнерите – ништо. Тие се „тренирани“ да го чујат звукот на виљушка што паѓа на под на другиот крај од ресторанот и веднаш да проценат дали е од нивната маса. Затоа, имајте го тоа на ум – освен ако ви е сосема во ред келнерот да знае интимни детали од вашиот живот. Сепак, постојат неколку теми за коишто тие навистина не сакаат да ги слушаат.
Вашиот став кон бакшишот
Кога келнер ќе ве чуе како велите дека „не верувате“ во бакшиш, тоа директно влијае врз неговата мотивација да ве услужи. (покрај тоа, бакшишот не е прашање на верување – тој едноставно постои) Исто така, мрморењето и тивките поплаки за услугата не помагаат. Ако нешто не ви се допаѓа или ако не планирате да оставите бакшиш, имајте храброст да го кажете тоа гласно – иако, да бидеме реални, келнерот веројатно веќе ве слушнал.
Медицински теми
Ниту еден келнер не сака да слуша за вашата последна колоноскопија или за мистериозниот осип на грбот што не поминува, без разлика колку арганово масло сте ставиле. Чинот на породување е импресивен, но деталите може да бидат шокантни за некој што не е подготвен да ги слуша. Ова е вечера, не медицинска консултација. Не значи дека не смеете да зборувате за вакви теми во ресторан, но барем намалете го тонот кога келнерот ви носи паста.
Политика
Слободно дискутирајте ги вашите политички ставови, но имајте предвид дека не секој што ве слуша мисли исто. Келнерите се луѓе со емоции и ставови, па тешко дека ќе останат неутрални кога ќе ве слушнат. Ако вие и вашиот келнер сте на спротивни политички страни, некој помалку професионален можеби ќе ве остави малку подолго да ги чекате помфритите.
Семејни драми
Иако ресторанот се труди да направи да се чувствувате како дома, тоа сепак не е вашата трпезарија. Караниците со родителите или расправиите со партнерот му отежнуваат на келнерот да процени кога е вистинскиот момент да ве праша дали сакате уште нешто. На пример, кога е соодветно да ви понуди десерт – пред или по поднесување на документите за развод? .
Изгледот на вашиот келнер
Навредливите коментари за изгледот на личноста што ви ја носи храната се едноставно – некултурни. Ако мислите дека тетоважите или пирсинзите некако ја попречуваат способноста да носи чинии и да прима нарачки, нема потреба да го кажете тоа гласно. Помислете го – и оставете го некаде длабоко во мозокот да избледи. Тоа што ќе му дадете глас нема да ја подобри услугата – најверојатно само ќе ја влоши.
Вашето излегување е ваше искуство и, секако, имате право да се однесувате како сакате. Ако сакате да зборувате без филтер и без да размислувате за последиците – слободно. Но, јадењето во ресторан е симбиотично искуство: однесувањето на едниот влијае врз другиот. Зошто да не се обидеме сите да го направиме попријатно?
ФОТО: Freepik